Линкови за пристапност

Вакцината на Џонсон и Џонсон има ефикасност од 74%


Вакцината на Џонсон и Џонсон која се дава во една доза има ефикасност од 74% во спречување на инфекција со Ковид-19, покажуваат резултатите од истражување објавено во научното списание JAMA Network Open.

Истражувачите од престижната клиника Мајо во Минесота следеле група од повеќе од 90 илјади пациенти меѓу февруари и јули оваа година, а околу 9 илјади од нив биле имунизирани со вакцина на Џонсон и Џонсон. На крајот на истражувањето само 60 од вакцинираните биле позитивни на Ковид, додека од 88.898 невакцинирани, позитивни биле 2.236 луѓе.

Но, истражувачите препорачуваат Американците да се имунизираат со некоја од вакцините со две дози, Фајзер или Модерна, кои беа развиени со користење на мРНА технологија и кои се покажаа поефикасни од Џонсон и Џонсон која се базира на традиционална технологија.

Друга студија спроведена од клиниката Мајо во еден округ во Минесота покажа дека оние кои биле вакцинирани со Џонсон и Џонсон имаат 3.5 пати поголема шанса да развијат ретка состојба на тромбови.

Студијата, која беше објавена во списанието JAMA Internal Medicine, утврдила дека ризикот е поголем кај жените меѓу 40 и 49 години, а потоа и кај оние од 30 до 39 години.

Првичната дистрибуција на вакцината на Џонсон и Џонсон беше времено запрена во април откако се појавија неколку случаи на тромбови меѓу милионите Американци кои беа имунзирани.

Главниот истражувач во студијата вели дека ризикот за појава на тромб останува низок во споредба со користа која постои од имунизацијата.

XS
SM
MD
LG