Линкови за пристапност

Џо Бајден најави нов, помал социоекономски пакет вреден 1.85 трилиони долари


Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот го претстави планот за трошење од 1,85 трилиони долари за кој рече дека ќе обезбеди „најтрансформативна“ помош за американските семејства во последните неколку децении и, во исто време, ќе ги постави Соединетите Држави на пат кон остро намалување на загадувањето со стакленички гасови.

Бајден го претстави планот, околу половина од сумата што ја предложи пред неколку недели, на состанокот рано наутро со демократските пратеници во Конгресот, а потоа лобираше за него во 23-минутното обраќање од Белата куќа.

„Никој не доби сè што сакаше, вклучително ни јас. Тоа се вика компромис“ рече Бајден кој ги опиша предлозите за трошење, дури и во нивната скратена форма, како „историски инвестиции во нашата нација и нашиот народ“.

Набргу по говорот, Џо Бајден и првата дама Џил Бајден се качија на претседателскиот авион и заминаа на пат во Европа. Нивната агенда вклучува аудиенција кај папата Франциск во Ватикан. Во наредните денови, претседателот ќе се сретне во Рим со светските лидери каде ќе се разговара за глобалната економија, а потоа ќе се упати во Глазгов, Шкотска, на самит за климатските промени.

Во политички поделениот Сенат, сите републиканци се противат на планот на Бајден кој се состои од два дела - социјална безбедносна мрежа и законодавство за контрола на загадувањето.

На демократите ќе им требаат сите 50 нивни Сенатори, заедно со дополнителниот глас на потпретседателката Камала Харис, за да ги усвојат мерките.

Во Претставничкиот дом демократите имаат тесно мнозинство.

Најновиот план на Бајден ќе обезбеди бесплатна градинка за сите деца на 3 и 4 години, но не и бесплатен двегодишен колеџ за матурантите. Сепак, ќе се зголемат стипендиите за сиромашните студенти.

„Со децении, цените на детската грижа во Соединетите Држави се зголемуваат побрзо од семејните приходи“, соопшти Белата куќа, „а сепак САД сè уште инвестираат 28 пати помалку од своите конкуренти за да им помогнат на семејствата да си дозволат висококвалитетна грижа за малите деца“.

Белата куќа, исто така, соопшти дека мерката ќе ги продолжи даночните олеснувања за деца за една година за сите освен за најбогатите семејства во САД, но тоа е намалување од првичниот предлог на Бајден да се продолжи даночното олеснување најмалку до 2025 година.

Покрај тоа, Белата куќа соопшти и дека владата ќе ги зголеми трошоците за „достапна, висококвалитетна грижа за постарите Американци и лицата со попреченост во нивните домови“ и ќе ги зголеми платите за старателите.

Во врска со загадувањето, Белата куќа го нарече планот на Бајден „најголем напор за борба против климатската криза во американската историја“.

Се вели дека инвестиции од 555 милијарди долари ќе намалат милијарда метрички тони емисии на стакленички гасови до 2030 година, најмалку 10 пати повеќе отколку со кое било претходно законодавство одобрено од Конгресот.

Белата куќа соопшти дека планот од 1,85 трилиони долари ќе биде целосно платен со зголемено оданочување на најбогатите Американци - мултимилионери и милијардери.

Најмалку 15% данок на добивка од ќе биде наметнат на некои од најголемите компании во САД, оние со профит од 1 милијарда долари или повеќе, и ќе се засили контролата за сузбивање на даночни измами од страна на агентите во Агенцијата за собирање даноци во земјата, Внатрешната служба за приходи.

XS
SM
MD
LG