Линкови за пристапност

Кинеските дезинформации во членки на НАТО може да ја загрозат безбедноста во светот


Дезинформации, пропаганда, хакерски напади и напади врз демократските вредности и човековите права се само дел од забелешките кои беа изнесени на денешната панел дискусија

Кинеските дезинформации на земји членки на НАТО алијансата беа тема на дискусија во Германскиот маршалов фонд на САД.

Според Јанис Сартс - директор на НАТО стратешки комуникациски центар, Европа и САД се длабоко загрижени околу ваквите појави кои можат да влијаат на безбедноста и стабилноста во светот.

“Ме загрижува податокот дека Кина во некои региони од Европа може многу лесно да навлезе со своите дезинформации длабоко во општеството и да има големо влијание врз населението таму. Во време кога дигиталната технологија како Фејсбук, Твитер и слично е длабоко распространета, Кина има лесен пристап до пласирање информации во нејзина корист, користејќи ја таа, ако може да ја наречам “ерозивна пукнатина” преку која може да навлезе до секој корисник, земајќи во предвид дека поголем дел од корисниците не знаат дали станува збор за точна или лажна информација”, вели Сартс.

За Аличја Бачулска - кинеска аналитичарка во Азискиот истражувачки центар на Универзитетот за воени студии во Варшава, вели дека Кина ја искористила својата пропаганда во Полска пред пандемијата и се обидела да направи мрежа на наводни пријателски врски помеѓу Кина и другите земји.

“Кина се обиде преку новинарите во Полска да ја промовира својата пропаганда и да наметне свое гледиште, посебно околу настаните во Хонгконг. Се разбира тоа беа дезинформации. Но, обезбедувајќи им на новинарите патување и престој во Кина, се разбира на нејзин трошок, презентирајќи им ја наводно нејзината култура и традиција, таа индиректно ги дезинформира нив, користејќи пријателски наратив”, вели Бачулска.

САД и земјите ширум светот ја обвинија Народна Република Кина, за спроведување и учество во злонамерни активности во сајбер-просторот, вклучувајќи напади на рансомвер, како и кражба на интелектуална сопственост и информации од директна корист на кинеските компании. Според Др. Ритис Раинис од Националниот центар за сајбер безбедност под Министерството за национална одбрана (NKSC) на Литванија, Кина ги користи сите свои ресурси кои ги има на располагање во овој сектор.

“Според нашите истражувања, Кина не само што влијае врз светската популација преку хакерски напади и пласирање лажни информации, тука таа користи и свои технологии во Европа и САД како што се безбедносни камери и мобилни уреди. Овие уреди се директна закана за нашата сајбер безбедност. Посебно загрижува податокот за користењето на мобилниот уред Ксиаоми кој е најпродаван телефон во Европа. За среќа пред неколку години неговата употреба беше забранета во САД”, вели Раинис.

Дезинформациите кои потекнуваат од Кина забележаа значителен пораст за време на пандемијата, при што кинеската влада ги интензивираше пораките околу теми како управување со пандемијата, потеклото на пандемијата и дипломатијата за вакцините. Информациската војна околу пандемијата претставува посебен проблем поради нејзините последици за јавното здравство и здравствените системи во земјите на НАТО.

Бројни напади беа насочени и кон западните системи на управување, вклучително и демократските вредности и човековите права, во обид да ја ослабат довербата во демократските системи на владеење.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG