Линкови за пристапност

Загадувањето и затоплувањето на планетава повторно во нагорна линија


По невидениот пад од 5,4 проценти во 2020-та година, глобалните емисии на јаглерод диоксид се враќаат на нивоата пред пандемијата

Глобалните ветувања за намалување на емисиите на стакленички гасови се само дел од она што е потребно за да се спречи катастрофалното глобално затоплување, се вели во новиот извештај на Програмата на Обединетите нации за животна средина.

Предупредувањето доаѓа пред климатскиот самит во Глазгов кој започнува следната недела.

Светските лидери ветија дека ќе го ограничат глобалното затоплување на не’ повеќе од 1,5 степени Целзиусови степени договорено претходно на самитот во Париз во 2015-та година.

Извештајот предупредува дека новите заложби за намалување на емисиите направени во пресрет на самитот во Глазгов - познати како Национално определени придонеси - ќе ги намалат гасовите со ефект на стаклена градина за само 7,5 проценти до 2030-та година, во споредба со претходните ветувања. Ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови ќе бара намалување на емисиите за 55 проценти.

„По невидениот пад од 5,4 проценти во 2020-та година, глобалните емисии на јаглерод диоксид се враќаат на нивоата пред пандемијата“, се вели во извештајот.

„Враќањето на емисиите се очекува во 2021-ва година. Прелиминарните проценки сугерираат дека емисиите на CO2 од фосилна енергија би можеле да пораснат за 4,8 проценти во 2021-ва година, а глобалните емисии година се очекува да бидат само малку пониски од рекордното ниво од 2019-та година“.

Петри Талас, генералниот секретар на Светската метеоролошка организација на ОН, во понеделникот рече дека светот е на пат за потенцијално катастрофални климатски промени. „Досега слушнавме многу политичка поддршка за зголемена амбиција за ублажување, но конкретните ветувања сè уште недостасуваат и во моментов се движиме кон затоплување од 2,5 до 3 степени Целзиусови наместо 1,5 до 2 степени.”

Што значи тоа за планетата - и за човештвото?

Научниците велат дека климатските промени веќе ја зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на топлотните бранови. Неодамнешниот извештај од Чатам Хаус пресмета дека на глобално ниво, смртноста поврзана со топлотниот бран се зголемила за речиси 54 проценти кај постарите лица од почетокот на векот, достигнувајќи 296.000 смртни случаи во 2018-та година.

„Очекуваме околу 400 милиони луѓе да се соочат со топлотни бранови до степен до кој повеќе нема да можат да работат надвор“, изјави за Гласот на Америка коавторот на извештајот на Чатам Хаус, Даниел Квигин.

Топлотните бранови и сушите би имале големо влијание врз глобалната безбедност на храната. Неуспехот на културите и зголемената преваленца на штетници и болести - како што е чумата на скакулци во источна Африка минатата година - би довело до зголемени цени на храната.

„Во текот на следните 30 години, ќе биде потребна околу 50 проценти повеќе храна поради зголемениот број на населението на планетата, но и очекувањата околу јадењето повеќе месо - особено во земји како Кина и Југоисточна Азија и така натаму. Но, во исто време, според нашата проценка, предвидуваме дека приносите и жетвите ќе се намалат за околу 30 проценти. Тоа само ќе резултира со поскапување на храната, така што најсиромашните не можат или веројатно нема да можат да си ја дозволат“, рече Квигин.

Потоплите температури доведуваат до поинтензивни тропски бури и поплави. Подолгорочно, топењето на мразот ќе доведе до подигање на нивото на морето, ставајќи ги во опасност крајбрежните градови.

Екстремните временски флуктуации значат и поинтензивни и подолги суши. Научниците велат дека побогатите нации мора да го исполнат ветувањето од 2015-та година дека ќе им помогнат на посиромашните нации да платат за борбата против климатските промени и да се справат со нивните влијанија.

Додека светските лидери се подготвуваат за Глазгов, влогот за нашата планета - и за човечкиот род - станува се поголем; влијанијата се блиску до неповратни. Може ли да се постигне нов глобален договор за намалување на емисиите многу повеќе од сегашните обврски?

Домаќинот на самитот, британскиот премиер Борис Џонсон ја даде својата оценка во понеделникот. „Многу сум загрижен. Затоа што може да тргне наопаку. И, можеби нема да ги добиеме договорите што ни се потребни“, изјави Џонсон во Лондон.

Научниците велат дека исходот од самитот во Глазгов најверојатно ќе влијае на секој од нас, како и на планетата Земја која се загрева постојано.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG