Линкови за пристапност

Соединетите Држави наскоро ги отвораат границите за вакцинирани странци


Соединетите Држави наскоро ќе ги отворат своите воздушни граници за целосно вакцинирани странски посетители кои имаат една од трите одобрени вакцини за Ковид-19 или кои можат да прикажат негативен тест за Ковид-19 во рок од 24 часа од патувањето, објави во понеделникот Белата куќа.

Новите правила стапуваат во сила на 8 ноември и ќе бидат дозволени „само ограничени исклучоци“, рекоа високи претставници на администрацијата на Џо Бајден за време на брифингот со новинарите. Тие вклучуваат ослободување од вакцини за патници од околу 50 земји со исклучително ниски стапки на вакцинација, кои вклучуваат некои од најсиромашните нации во светот, многу од оние во Африка. Децата под 18 -годишна возраст, исто така, се ослободени од барањето за вакцина, но сепак ќе треба да дадат негативен тест.

Прифатените вакцини вклучуваат само три одобрени од Администрацијата за храна и лекови на САД: Модерна, Фајзер и Џонсон и Џонсон.

Исклучоците ќе вклучуваат „одредени учесници во клинички испитувања за вакцина против Ковид-19, оние со медицински контраиндикации за вакцините и оние кои треба да патуваат од итни или хуманитарни причини“, соопшти Белата куќа. Дополнително, оние на кои им е одобрен исклучок мора да се согласат да се вакцинираат во САД ако имаат намера да останат повеќе од 60 дена.

„Новиот систем, исто така, вклучува засилени барања за тестирање, зајакнување на следењето контакти, како и носење заштитни маски“, рече висок претставник на администрацијата. „Ова се строги безбедносни протоколи според научните факти за да ја зголемат безбедноста на Американците овде дома и безбедноста на меѓународните авионски патувања“ велат од Белата куќа.

XS
SM
MD
LG