Линкови за пристапност

Воен удар во Судан – уапсени премиерот и министрите


Суданската војска ја презеде власта преку државен удар во понеделникот. Врвен генерал прогласи вонредна состојба на национално ниво и објави крај на заедничкиот цивилно-воен совет, кој раководеше со земјата во последните две години.

Генерал-полковник Абдел Фатах Ал-Бухран имаше телевизиско обраќање откако воените сили го уапсија премиерот Абдала Хамдок и други службеници на поранешната влада.

Генералот рече дека го распуштил советот и владата поради „политички расправии што ја загрозуваат безбедноста на земјата“ и најави дека „наскоро ќе биде назначена нова влада на технократи“.

Новинарот Мајкл Атит, кој се наоѓа во главниот град на Судан, изјави за Гласот на Америка дека илјадници демонстранти ги преплавија улиците на Картум по извештаите за апсењето на Хамдок. Тој вели и дека слушал пукање и видел гуми изгорени на улиците.

Комитетот на лекарите во Судан соопшти дека две лица загинале кога безбедносните сили отвориле оган врз демонстрантите.

Атит рече дека повеќето телекомуникации во Картум се во прекин, вклучително и интернетот и радио станиците. Се емитува само државната телевизија, која емитува патриотска музика.

Настаните се остар пресврт од она што многумина се надеваа дека ќе биде премин кон демократска влада предводена од цивили.

Во Судан поранешниот претседател Омар ал-Башир управуваше со железна тупаница во текот на 30-годишното владеење, кое заврши со соборување од војската во април 2019-та година.

„Оние што поддржуваат воено преземање ќе тврдат дека ова е ‘поправање’ на патот на револуцијата, но мислам дека многумина кои беа посветени кон пренос на власта кон целосно цивилно владеење, ова дефинитивно го гледаат како назадување “, рече Исмаил Кушкуш, независен новинар и поранешен известувач за Источна Африка во Њујорк Тајмс.

„Го гледам ова како неуспех на транзицијата кон демократија“, рече Кушкуш за Гласот на Америка.

Хамдок, економист и дипломат кој работел за Обединетите нации, беше именуван за преоден премиер на земјата во август 2019-та година. Транзицијата доби силна поддршка од западните земји, вклучително и Соединетите Држави, кои го отстранија Судан од државите спонзори на тероризам.

Но, Хамдок се соочи со жесток отпор од елементите на суданската војска. На 21 септември, силите лојални на Ал Башир користеа тенкови за да го блокираат клучниот мост и се обидоа да ја преземат власта. Пучот беше задушен и десетици војници беа уапсени.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Африканската унија и Арапската лига беа меѓу оние што во понеделникот изразија вознемиреност за најновите настани во Судан и повикаа земјата да остане на патот кон цивилно владеење.

Белата куќа соопшти дека е „вознемирена“ од случувањата.

„Ги отфрламе дејствијата на војската и повикуваме на итно ослободување на премиерот и другите на кои им е одреден домашен притвор. Денешните акции се во целосна спротивност со волјата на суданскиот народ и нивните аспирации за мир, слобода и правда“, рече заменик портпаролката на Белата куќа, Карин Жан - Пјер.

XS
SM
MD
LG