Американскиот претседател Џо Бајден одржа состанок со двајца клучни сенатори додека се обидува да ги заокружи деталите за плановите за социјална сигурност и за климатски промени кои уште денеска треба да бидат доставени во Конгресот.
Претседателот во неговиот дом во Делавер им беше домаќин на лидерот на Демократите во Сенатот, Чак Шумер, како и на сенаторот Џо Манчин кој е меѓу најгласните во барањето да се направат големи намалувања во оригиналниот план на кој чини 3.5 трилиони долари а со кој се предлага драстично проширување на социјалните бенефиции за американските семејства какво немало во последните 50 години.
Во соопштение од Белата куќа се наведува дека тројцата имале „продауктивна дискусија за агендата ‘Да изградиме повторно подобро’“, кое е формалното име на планот на Бајден за инвестирање во човечка инфраструктура. Во соопштението се наведува и дека бил направен напредок.
Сенатот кој брои 100 членови е подеднакво поделен меѓу двете партии, па потребна е согласност кај сите Сенатори од Демократската партија, како и дополнителниот глас од потпретседателката Камала Харис за да се донесе оваа легислатива. Во моментов ниту еден Републиканец не дава поддршка за неа.