Линкови за пристапност

Зголемувањето на цените, ќе го зголеми бројот на граѓани кои живеат под линијата на сиромаштија


Зголемувањето на цените погубно за граѓаните
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00

Ако дојде до зголемување на цените на основните прехранбени производи, ќе дојде и до зголемување на бројот на сиромашни граѓани, предупредуваат од Македонската платформа против сиромаштија

Евентуалното зголемување на цените на основните прехранбени производи до крајот на 2021-ва година и до 50 отсто, на што предупредуваат од преработувачката индустрија, ќе ја продлабочи сиромаштијата во државата, односно ќе го зголеми и така загрижувачкиот праг на сиромаштија, велат од Македонската платформа против сиромаштија.

„Имаме многу луѓе кои што во периодот, дополнително ќе осиромашат и ќе влезат во сериозен ризик од сиромаштија“, вели Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија.

„Дали ќе се прехранат со квалитетна или каква било храна? Тоа е едниот избор и вториот избор е дали со од остатокот од парите кои им останува ќе имаат доволно да ги платат останатите сметки, да се облечат, и за школување на децата“, додава таа.

Економските експерти сметаат дека македонската економија не е изолирана од актуелните глобални текови во однос на порастот на цените на енергенсите и суровините на светскиот пазар.

„Сето тоа негативно се одразува и врз македонската економија, што ќе доведе доколку продолжат овие трендови и до ценовен шок. Тоа ќе се одрази врз животниот стандард на населението, затоа што некаде околу 40 отсто од доходот на населението отпаѓа на храна. Да ги земеме поразвиените земји, каде што храната учествува со 7,8 или 9 проценти во вкупниот доход на населението“, рече Јованка Дамоска Секулоска, универзитетски професор по економски науки.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика од 2019-та година, 21,3 отсто или една четвртина од граѓаните во Северна Македонија, живеат под линија на сиромаштија. Според други некои проекции овој процент сега би можел да се искачи до 24 проценти.

Законот за социјална заштита требаше да го намали бројот на сиромашни, не само од аспект на финансиска помош туку и од аспект на нивно излегување од системот на социјална заштита и влегување во економскиот сектор. Но, тоа беше невозможно, во период кога имавме затворено стопанство, вели Дуковска.

„Дополнително и луѓето кои ја изгубија работата, влегоа во новите бројки на сиромашни. Верувам дека бројките за 2020-та ќе го покажат тоа. За жал, трендот е продолжен и во 2021-ва година“, вели таа.

Дамоска Секулоска препорачува долгорочно мерките да бидат насочени кон зголемување на доходот на граѓаните. Но, оти во моментов треба да се пристапи кон заштита на домашните производители преку намалување на трошоците за производство, односно ослободување од одредени давачки, при увозот на суровини.

„На тој начин би се намалиле трошоците на производство на финалниот производ. Во однос на замрзнување на цените, треба тука да бидеме многу внимателни. Тоа треба да биде за еден краток временски период бидејќи тоа може да се одрази негативно врз недостиг на стоки на пазарот или врз квалитетот на производите кои се нудат на пазарот“, додава таа.

Од македонската платформа против сиромаштија велат дека државата треба да превземе мерки, кои ќе имаат заштитен механизам, но не од аспект на давање еднократни ваучери, туку овозможување на побрз влез во економијата или зголемување на финансиските надоместоци на оние кои што тие им се најпотребни. Инаку, според Државниот завод за статистика, за 3.7 отсто се зголемени трошоците за живот овој септември, во однос на истиот период лани, а цените на мало за 5.6 проценти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG