Линкови за пристапност

Бајден планира да се сретне со папата Франциск во Ватикан


Средбата на 29-ти октомври доаѓа во пресрет на дводневниот самит на лидерите на Г-20 во Рим

Американскиот претседател Џо Бајден планира да се сретне со папата Франциск во Ватикан подоцна овој месец, соопшти денес Белата куќа.

„Тие ќе разговараат за напорите засновани на почитување на фундаменталното човечко достоинство, вклучително и ставање крај на пандемијата со ковид-19, справување со климатската криза и грижа за сиромашните“, се вели во соопштението на Белата куќа. Во соопштението се наведува дека првата дама Џил Бајден исто така ќе учествува на аудиенцијата кај папата.

Средбата на 29-ти октомври доаѓа во пресрет на дводневниот самит на лидерите на Г-20 во Рим. Бајден се надева дека ќе постигне договор на состанокот за глобалната минимална стапка на данок на добивка од 15 отсто, во обид да ги натера бизнисите да не го избегнуваат оданочување, според новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на официјален претставник на Белата куќа.

Бајден потоа ќе присуствува и на конференцијата на Обединетите нации за климатски промени во Глазгов, Шкотска на 1-ви и 2-ри ноември.

Очекуваната посета на Бајден во Европа ќе го означи второто патување надвор од границите на САД од неговото претседателствување. Бајден присуствуваше на самитот на Европската унија во Брисел во јуни, а подоцна се состана и со рускиот претседател Владимир Путин во Женева.

Информациите за овој извештај ги обезбедија Асошиејтед прес и Ројтерс .

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG