Умерен оптимизам покажува Владата во однос на можноста за надминување на блокадата од Софија во наредните месеци.
Главното прашање од кое зависи евентуалниот пробив во процесот се претстојните избори во Бугарија и епилогот од нив.
„Сметам дека 50 проценти од шансите за тргање на блокадата ќе се зголемат по изборите. И во Бугарија и во Северна Македонија имаме избори. Политичарите се многу специфични, меѓутоа ние продолжуваме со разговорите, имаме теми пред двете страни и постои решение“, рече премиерот Зоран Заев.
На конференцијата на „Економист“ во Скопје, на која покрај Заев учествуваа и лидери од регионот, како и поранешни влијателни политичари, пораката која се прати беше - мора да се рестартира процесот на проширување.
„Потребен е нов почеток на процесот на проширување и тоа треба да се поврзе со прашањето на стратешка автономија зашто тоа ќе ги отвори вратите во менталниот склоп на Европејците. Треба јасно да се каже дека Западен Балкан припаѓа во Европа и точка“, изјави Јошка Фишер, поранешен министер за надворешни работи на Германија.
Јоргос Папандреу, поранешен премиер на Грција вели дека „ова е голема историска одговорност на ЕУ зашто народите од овој регион навистина сакаат соработка, мир и просперитет. Она што ЕУ треба да каже е дека постои јасен патоказ и еве како ќе се движиме напред.“
Унијата, преку свои претставници, повтори дека е од витален интерес пристапните преговори со Скопје и Тирана и почнат што е можно поскоро.
„Мора да се справиме со корупцијата не само на Западен Балкан. Треба да се врати динамиката во процесот на проширувањето“, изјавија на конференцијата, каде беше додадено:
„Постојат сериозни отворени прашања во самата ЕУ. Ситуацијата вон ЕУ не оди во прилог на проширувањето. Колку подоборо дома работите толку полесно ќе ја убедите ЕУ дека вашето место е таму“.
„За да го отвориме ова ново поглавје на враќање на моментумот на Балканот неопходно е соседите од Софија да ја преземат својата обврска. Време е да се покаже лидерство и одговорност зашто сите ние ја губиме шансата на Балканот, а за да се преобрати ситуацијата мора сите брзо да дејствуваме“, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Facebook Forum