СКОПЈЕ – Бројките на новозаболени, починати и хоспитализирани продолжуваат да се намалуваат, покажува неделната анализа на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) која се однесува на периодот од 4 до 10 октомври.
За една недела здравствените власти регистрирале 2.354 нови случаи во 33 града низ државата што е за 11,8 отсто помлаку споредено со неделата претходно. Најголем број на заболени се регистрирани во Скопје – 1.137, а највисока неделна инциденца има во Кратово со 306 заболени на 100 илјади жители.
„Се забележува зголемување на инциденцата во 10 градови во државата во последните 14 дена во споредба со претходните 14 дена. Во 24 градови се забележува намалување, додека во Дојран е регистрирана непроменета инциденца“, информираат од ИЈЗ.
Репродукцискиот број на заразени од Ковид – 19 изнесува 0,95. Најнизок е во Кочани 0,71 а највисок во Крушево 1.89.
Кога станува збор за нови случаи по возрасни групи повторно најмногу на удар се возрасните граѓани, над 60 години,. Од оваа категорија се регистрирани 630 новозаболени. Во периодот од 4 до 10 октомври 84 деца на возраст до 9 години заболеле од коронавирусот.
34 граѓани кои веќе еднаш го прележале вирусот повторно заболеле со то бројката на лица кои се реинфицирале сега изнесува 625 од кои шестмина починале.
Минатата недела како последици на компликации предизвикани од коронавирус починаа 93 граѓани во 20 градови низ државата. Најмногу жртви има во Скопје – 40, а дури 78 од починатите биле лица над 60 годишна возраст.
За седум дена во државата се направени 23.192 тестирања а процентот на позивитни е благо намален и сега изнесува 10,2 отсто во просек.
Во Ковид центрите и на инфективните одделенија во Скопје и внатрешноста во моментов се хоспитализирани 520 лица, а од нив 351 се на кислородна поддршка и 23 на механичка вентилација.
Од почетокот на епидемијата регистрирани се 6.849 смртни случаи, од кои 4.122 се мажи а 2.727 се жени. Над 60 години се 5.580 жртви. Меѓу жртвите се 31 здравствен работник и 5 бремени жени.
„ Кај 5.094 (85,6% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (н=4.140), дијабет (н=1.702) и белодробна болест (н=764)“, инфромираат од ИЈЗ.
Заклучно со минатата недела, 795.206 лица се вакцинирани барем со една доза а комплетно вакцинирани,со две дози се вкупно 748.581 граѓанин. Процентуално 47,7 отсто од полнолетното население во државата има примено една доза. Најмалку вакцинирани се во Гостивар 35,5 отсто а најмногу во Неготино 65,8 отсто.
Facebook Forum