Норвешкиот Нобелов комитет денес ја додели Нобеловата награда за мир на новинарите Марија Реса од Филипините и Дмитриј Муратов од Русија „за нивните напори да ја заштитат слободата на изразување, што е предуслов за демократија и траен мир“.
На церемонијата во Осло, норвешкиот претседател на Нобеловиот комитет Берит Рајс-Андерсен ги објави победниците, велејќи: „Г-ѓа. Реса и г -дин Муратов ја добиваат наградата за мир за нивната храбра борба за слобода на изразување во Филипините и Русија“.
Во соопштението, комитетот рече дека филипинската новинарка Марија Реса е препознаена по нејзината бестрашна употреба на слободата на изразување за да разоткрие злоупотреба на моќта, употреба на насилство и зголемен авторитаризам во нејзината родна земја. Како истражувачки новинар и ко-основач на компанијата за дигитални медиуми Раплер, Реса го фокусираше критичкото внимание на контроверзната кампања за борба против дрогата на претседателот Родриго Дутерте.
Реса и Раплер исто така документираа како се користат социјалните медиуми за ширење лажни вести, малтретирање противници и манипулирање со јавниот дискурс.
Комитетот го одликуваше рускиот новинар Дмитриј Андреевич Муратов за неговата децениска одбрана на слободата на говорот во Русија под сe’ потешки услови. Во 1993-та година, тој е ко-основач на независниот весник „Новаја газета“ и е негов главен уредник од 1995-та година. Се смета дека е најнезависниот весник во Русија денес, со фундаментално критички став кон власта.
Комитетот рече дека новинарството засновано на факти и професионалниот интегритет на весникот го направиле важен извор на информации за цензурабилни аспекти на руското општество. Објави критички написи на теми, вклучувајќи корупција, полициско насилство, незаконски апсења, изборна измама и употреба на руски воени сили, во и надвор од Русија.
Двајцата новинари ќе поделат парична награда од 1,1 милион долари.
Оваа недела беа доделени и Нобеловите награди за медицина, физика, хемија и литература. Наградата за економија ќе биде доделена во понеделник.
Сите награди ќе бидат официјално доделени во декември. Поради тековната пандемија, академијата објави дека церемонијата оваа година ќе биде мешавина од дигитални и физички настани. Лауреатите ќе ги добијат своите медали и дипломи за Нобелова награда во нивните матични земји.
Некои информации за овој извештај се обезбедени од Асошиетед прес, Ројтерс и Агенцијата Франс прес.
Facebook Forum