Данела Арсовска, независна кандидатка за градоначалничка на град Скопје е само една од малкуте жени кои на овие локални избори, влегуваат во трката за градоначалничката фотеља.
Арсовска за Гласот на Америка вели дека е предизвик да се води македонската метропола и токму затоа се одлучила на ваков чекор.
„Она што конкретно беше предизвик лично за мене е што не сакам да стојам настрана, сакам да ги менувам нештата, особено кога знам дека можат да бидат подобри, а особено кога знам дека можам својот човечки потенцијал да го искористам како добар менаџер и да го направам градот едно поубаво место за живеење“, вели таа.
Податоците покажуваат сериозен дисбаланс на соодносот мажи-жени, односно дека само 8 отсто или 25 од вкупно 301 кандидат за градоначалник се жени.
„Верувам дека во оној момент кога ние ќе ги добиеме шансите да ги водиме градовите и да покажеме и докажеме што е тоа што го можеме како квалитетни личности, дека на следните избори многу повеќе жени ќе имаат шанса, па можеби ќе зборуваме и за еднакви можности и права, меѓутоа и за еднакви проценти на застапеност на жените на овие позиции“, додава таа.
Ова покажува дека родовата еднаквост во политиката е само декларативна заложба на партиите, велат од Организацијата на жени на општина Свети Николе.
„Кај нас праксата покажува дека до некаде родовиот политички баланс функционира онаму каде има законски решенија и утврдени квоти за помалку застапениот пол“, вели Даниела Панева, претседателка на Организација на жени на општина Свети Николе.
Панева додава дека политичките партии изговорот за недоволната застапеност на жените го префрлаат на нивната наводна незаинтересираност, додека пак жените на немање доволно волја за нивно вклучување во политичкиот живот.
„Од друга страна стереотипното општество во кое живееме не дозволува, жената да биде препознаена како достоен противник и политички репрезент. Партиите не даваат доволно можности на жените, функционираат како машки клуб, каде на жената и даваат шанса да се покаже и докаже само ако мора да се исполни законска обврска“, додава таа.
Како примери каде има поднеднакво учество на мажи и жени во општествениот и политичкиот живот, Панева ги наведува Шведска и Исланд, а од регионот тоа е напредокот на Албанија.
Facebook Forum