Линкови за пристапност

Папата рече дека се срами што католичката црква не ги заштитила децата од злоупотреба


Француското католичко свештенство сексуално злоупотребило повеќе од 200.000 деца во земјата во текот на изминатите 70 години

Папата Францис во средата изрази жалење што тој и Католичката црква не направиле повеќе за да заштитат стотици илјади деца кои биле сексуално злоупотребени од црковно свештенство и лица блиски на нивните редови во Франција во текот на неколку децении.

Француското католичко свештенство сексуално злоупотребило повеќе од 200.000 деца во земјата во текот на изминатите 70 години, според истрагата на независна комисија.

Во извештајот на панелот се наведува дека повеќе од 100.000 други деца биле жртви на злоупотреба од страна на членови на црквата, како што се наставниците во католичките училишта.

За жал, тоа е значителен број. Би сакал на жртвите да им ја изразам мојата тага и болка за траумата што ја претрпеле 
Папата Францис


„За жал, тоа е значителен број. Би сакал на жртвите да им ја изразам мојата тага и болка за траумата што ја претрпеле “, рече Францис на неговиот неделен јавен настап во Ватикан. „Тоа е и мој срам, наш срам ... за неспособноста на црквата да ги стави во центарот на нејзината загриженост толку долго“.

Папата рече дека бискупите мора да се погрижат „слични трагедии да не се повторат“.

Во извештајот на панелот, објавен во вторникот, се вели дека Католичката црква прекрила „масивен феномен“ со „превез на тишина“, што траело со децении.


„До раните 2000-ти, Католичката црква покажувала длабока, па дури и сурова рамнодушност кон жртвите“, се вели во извештајот.

Во извештајот на комисијата, објавен по двеиполгодишна истрага, се вели дека католичкото свештенство во Франција сексуално злоупотребувало околу 216.000 малолетници од 1950 година и дека повеќе од 110.000 биле жртви на членови на црквата.

Жан-Марк Сов, шеф на комисијата што го состави извештајот, на прес-конференција во Париз рече дека повеќето жртви биле момчиња на возраст од 10 до 13 години.

Католичките бискупи во Франција ја формираа комисијата во 2018 година за да откријат злоупотреби и да ја вратат довербата во црквата, бидејќи конгрегациите се намалија.

Истрагата беше предизвикана од зголемениот број барања за злоупотреба и гонење на црковни службеници ширум светот.

Архиепископот Ерик де Мулин-Бофор, претседател на Бискупската конференција во Франција и меѓу оние што го побараа извештајот, изрази „срам и ужас“ од наодите за време на прес-конференцијата.

„Мојата желба денес е да побарам прошка од секој од вас“, рече тој.

Заедно со 45 препораки за запирање на злоупотреба на деца од страна на свештенството, Сов во вторникот ја повика црквата да плати репарација за жртвите на злоупотреба. Црквата објави план минатата пролет да обезбеди „финансиски придонеси“ за жртвите.

Група од шест здруженија на жртвите рекоа: „Очекуваме јасни и конкретни одговори од црквата“.


Франсоа Дево, жртва на злоупотреба и основач на здружението на жртви La Parole Liberee, им рече на претставниците на црквата при презентацијата на извештајот: „Вие сте срам за нашата човечност“.

Претходно оваа година, папата издаде најобемна ревизија на законот на Католичката црква во последните четири децении, инсистирајќи бискупите да дејствуваат против свештениците кои злоставуваат малолетници и ранливи возрасни лица.

Некои информации во овој извештај се од Агенцијата Франс прес, Асошиетед прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG