(Вашингтон, Ројтерс) Американскиот Конгрес не може да постигне согласност околу федералниот буџет. Ова може да предизвика финансиски и економски колапс доколку законодавците не го зголемат прагот на државното задолжување пред 18 октомври, денот кога американскиот Оддел за финансии веројатно ќе остане без готовина за исплаќање на доспеаните обврски.
Централни играчи на драмата се сенаторот Мич МекКонел, кој го предводи републиканското малцинство во Сенатот и кој се заложи дека ќе ги попречи напори за зголемување на прагот на задолжување и сенаторот Чак Шумер, водач на демократското мнозинство и сојузник на претседателот Џо Бајден.
Еве неколку начини на кои битката може да се одвива во Сенатот:
Помирување
Шумер два пати се обиде да добие одобрување за зголемување на прагот на долгот според редовните законски процедури и треба да се обиде повторно веќе денеска.
Претходните обиди беа блокирани од републиканците на МекКонел, кои го користеа правилото за филибастер во Сенатот, кое бара мнозинство од 60 гласови за одобрување на повеќето закони. Сенатот од 100 членови е рамномерно поделен меѓу двете партии, па Демократите можат да соберат само 51 глас, заедно со оној на потпретседателката Камала Харис кој е одлучувачки.
Доколку обидот на Шумер не успее, како што се очекува, Демократот може да се префрли на користење на необичен законодавен процес познат како помирување. Тоа го заобиколува филибастерот и на Демократите ќе им треба само просто мнозинство за да победат.
Овој пат, сепак, носи свои ризици, бидејќи правилата на Конгресот ќе бараат долг процес, и во Претставничкиот дом и во Сенатот.
МекКонел попушта
Меконел би можел да ја укине републиканската блокада за филибастер во гласањето во среда или во следните денови, доколку Шумер се држи до својата сегашна стратегија и продолжи да го поднесува овој или сличен предлог – закон.
Инвеститорите на финансискиот пазар досега беа во голема мера упатени во врска со ризиците, обложувајќи се дека Вашингтон нема да направи финансиска криза со неисполаќање на долгот. Но, како што се приближува 18 октомври, пазарите можат да се дестабилизираат, зголемувајќи го притисокот врз МекКонел.
Реформа на филибастерот
Демократите и Републиканците периодично се борат околу прагот на долгот, особено во последните 10 години, бидејќи Вашингтон стана поларизиран.
Во минатото, малцинската партија честопати ја користеше дебатата како потпора за да донесе други законски приоритети, како што е намалувањето на дефицитот. Во понеделникот, МекКонел рече дека неговата партија нема барања и само сака Демократите да го користат процесот на помирување.
Шумер би можел да се спротивстави на ова преку забрана за употреба на филибастер за закони кои се однесуваат на прагот за задолжувањето, вели Вилијам Хогланд, поранешен вработен во Сенатот кој сега е во Центарот за бипартиска политика.
Сепак, постојат ризици. Промената на правилата на Сенатот ќе го бара секој глас што може да го соберат Демократите, а некои истакнати членови на партијата се жестоки поддржувачи на филибастерот.
Неможност да се исплатат обврските
Иако не се гледа како веројатно сценарио, ако Вашингтон ги исцрпи неколкуте преостанати алатки што ги има за поместување на ограничувањето за задолжување од 28,4 трилиони долари до 18 октомври, федералната влада на располагање ќе ги има само даночните приходи за да ги подмири сметките.
Во моментов се позајмуваат повеќе од 20 центи за секој долар што се троши, па Одделот за финансии нема да може да ги подмири долговите кон кредиторите и граѓаните.
Ова би предизвикало шок низ глобалните финансиски пазари. Намалувањето на домашните трошоци би ја вовело американската економија во рецесија, бидејќи владата нема да може да исплати се – од бенефиции за социјално осигурување за стари лица до плати на војниците.
Овој извештај е преземен од агенцијата Ројтерс.