Линкови за пристапност

САД: Спречен банкрот, федералната Влада има пари до 3-ти декември - Конгресот изгласа, претседателот потпиша


Сенатот и Претставничкиот дом на САД ја одобрија мерката со која се спречи затворање на федералната влада по истекувањето на фискалната година синоќа на полноќ.

Сенатот гласаше 65 наспроти 35, додека Претставничкиот дом 254 наспроти 175, а потоа американскиот претседател Џо Бајден ја потпиша легислативата.

Со ова федералната влада ќе има пари, со сегашните нивоа на трошење, да ги држи сите државни агенции отворени и да можат непречено да работат до 3-ти декември. Тоа ќе им даде на членовите на Конгресот и на Белата куќа повеќе време да преговараат за буџетите за фискалната година што започнува денеска.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер рече дека легислативата вклучува 6,3 милијарди долари за помош за преместување на авганистанските бегалци што се преселуваат во САД, откако Вашингтон ја заврши својата дведецениска војна во Авганистан во август, и 28,6 милијарди долари за да им помогне на сојузните држави кои беа погодени од разорните урагани и пожари кои ги зафатија САД изминатиов период.

Секретарката за финансии Џенет Јелен во вторникот им рече на конгресните лидери дека владата најверојатно ќе остане без пари за да ги плати сметките до 18-ти октомври, доколку Конгресот не го суспендира ограничувањето на долгот или не го зголеми суштински над сегашниот вкупен износ од 28,4 трилиони долари.

XS
SM
MD
LG