Линкови за пристапност

Северна Кореја лансираше уште еден проектил


САД го осудија лансирањето на ракетата, нарекувајќи го „кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“

Северна Кореја изврши втор ракетен тест во вторникот, трет во еден месец. Тестот се случи неколку минути пред да зборува севернокорејскиот амбасадор во Обединетите нации, каде ја обвини Јужна Кореја за непријателство.

Северна Кореја ја истрела ракетата кон морето во близина на нејзиниот источен брег денес изутрина околу 6:40 часот по локално време, според јужнокорејската војска, која ги следи ваквите истрели.

Јапонските одбранбени претставници рекоа дека се чини дека тестот вклучувал една балистичка ракета.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека ракетата „се претпоставува дека е со краток дострел“ и дека била лансирана од Мупионг-ри во северната провинција Јаганг. Тоа е истата област од која Северна Кореја лансираше интерконтинентална балистичка ракета во јули 2017-та година.

САД го осудија лансирањето на ракетата, нарекувајќи го „кршење на повеќе резолуции на Советот за безбедност на ОН“ и „закана за соседите на Северна Кореја и меѓународната заедница“.

„Ние остануваме посветени на дипломатскиот пристап кон Северна Кореја и ги повикуваме да се вклучат во дијалог“, рече денес портпаролот на Стејт департментот. „Нашата заложба за одбрана на Република Кореја и Јапонија останува цврста“.

Откако повторно започна со лансирање балистички ракети во 2019-та година, Северна Кореја вообичаено лансираше две ракети одеднаш. Повеќето од тие лансирања вклучуваа ракети со краток дострел, многу од системи кои можат да лансираат повеќе оружја одеднаш.

Веста за лансирањето дојде кога амбасадорот на Северна Кореја во Обединетите нации одржа говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Во својот говор, амбасадорот во ОН од Северна Кореја, Ким Сонг, го бранеше напредувањето на нуклеарната ракета на неговата земја, нарекувајќи го одговор на „непријателската политика“ на САД и Јужна Кореја.

„Никој не може да го ускрати правото на самоодбрана за (Северна Кореја) да развива, тестира, произведува и поседува вооружени системи еквивалентни на оние што ги поседуваат или развиваат“ САД и Јужна Кореја, рече Ким.

Севернокорејскиот амбасадор, исто така, го осуди присуството на американски војници во Јужна Кореја, неодамнешните воени вежби САД-Јужна Кореја и неодамнешното воено засилување на Јужна Кореја.

Не е јасно дали ракетниот тест бил намерно наместен за да се совпадне со говорот на ОН. Но, аналитичарите велат дека е значајно лансирањето да дојде неколку дена откако Северна Кореја навести дека е отворена за дијалог со Јужна Кореја.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG