Една нова студија од Британија открива дека пушачите имаат поголеми шанси од тешко заболување од ковид-19 и поголема веројатност да умрат од оваа болест.
Научниците од групата за генетско истражување во Биобанк Велика Британија набљудуваа повеќе од 420 илјади волонтери во периодот од јануари до август 2020-та година, собирајќи ги податоците за прием во болница да ја идентификуваат врската помеѓу пушењето и тешките болести од вирусот.
Студијата, објавена во медицинското списание „Торакс“, покажа дека сегашните пушачи имаат 80 отсто поголема веројатност да бидат примени во болница и поголем број од нив, поверојатно да умрат од ковид.
Истражувачите користеле техника наречена Менделова рандомизација која користи генетски варијанти за да претставува одреден фактор на ризик.
Во студијата се вели дека пушачите имаат 45 отсто поголем ризик од инфекција и 60 отсто поголем ризик да бидат хоспитализирани од ковид-19.
Бидејќи бројот на заразени со ковид полека се намалува, јапонската влада од четврток, се подготвува да ги укине сите итни мерки за целата нација.
Јапонија беше во вонредна состојба од април поради напливот на нови инфекции предизвикани од варијантата Делта, која траеше пред Олимписките и Параолимписките игри во Токио.
Вонредната состојба на национално ниво завршува бидејќи 57 отсто од граѓаните на Јапонија се целосно вакцинирани, според ресурсниот центар за коронавирус Џонс Хопкинс, додека бројот на дневно потврдени случаи падна под две илјади, што е далеку помал од оној 25 илјади дневно.
Премиерот Јошихиде Суга официјално ќе го објави новиот план денес.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.
Facebook Forum