Линкови за пристапност

САД го зголемуваат бројот на летови за депортација на мигрантите од Хаити


САД планираат пет летови за депортација денес, додека за утре се закажани други седум летови

САД го зголемуваат бројот на летови за депортација на мигрантите од Хаити од државата Тексас назад кон Хаити, иако илјадници други граѓани од Хаити влегуваат на американска територија.

Не е јасно зошто американските службеници испратија околу 14 илјади лица од Хаити, назад кон Карибите, додека други беа регистрирани и ослободени да останат на американска почва.

Илјадници мигранти од Хаити се пуштени во САД во последните денови, според извештајот на Асошиејтед прес, додека во вторникот за Гласот на Америка имаше изјава дека неколку стотици од нив се ослободени.

Многумина од мигрантите се од Чиле, Бразил и други јужноамерикански земји откако побегнаа од урнатините на земјотресот во Хаити во 2010-тата година. Но, тие тргнаа кон границата со САД, откако беа погрешно информирани на социјалните медиуми дека е отворена границата во Дел Рио, иако американските официјалните лица постојано ги повикуваа мигрантите да останат таму каде што живеат.

САД планираат пет летови за депортација денес, со 135 мигранти на секој лет, до Порт-о-Пренс, главниот град на Хаити и вториот по големина град на Хаити, Кап-Хаитиен. За утре се закажани други седум летови.

Од неделата до сега, повеќе од илјада мигранти се вратени назад на Хаити, место каде што многумина од нив не живеат веќе една деценија.

Политиката за депортација наиде на критики од имиграционите власти кои велат дека на мигрантите треба да им се дозволи да поднесат барање за азил за да останат во САД.

Демократскиот лидер во Сенатот Чак Шумер, вообичаено сојузник на претседателот Џо Бајден, во вторникот го повика водачот и шеф на домашната безбедност Алехандро Мајоркас „веднаш да престане со овие протерувања“, тврдејќи дека летовите се одраз на „омразената и ксенофобична“ политика на поранешниот претседател Доналд Трамп „која ги игнорира нашите закони за бегалци“.

Мајоркас на сослушување во Конгресот рече дека владините претставници се надеваат дека ќе го расчистат мигрантскиот камп под мостот во Дел Рио во следните девет или десет дена.

„Очекуваме да видиме драматични резултати во следните 48 до 96 часа, и ќе имаме далеку подобра смисла во следните два дена“, рече тој.

Во меѓувреме, гувернерот на Тексас, Грег Абот, жесток критичар на администрацијата на Бајден и нејзиното постапување со мигрантите на границата, им нареди на државните работници да постават десетици државни автомобили, како „челичен ѕид“ во обид да спречат влез на мигрантите.

Абот процени дека 8.600 мигранти остануваат на Меѓународниот мост Дел Рио, што е помалку од околу 14 илјади минатиот викенд.

Гувернерот на Тексас ја обвини администрацијата на Бајден за хаосот на границата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG