Линкови за пристапност

Северна Македонија лидер во безбедноста на Западен Балкан


Државата е на 40 место во светот. Најголем напредок има кај индексот за внатрешен конфликт и се должи на решавањето на спорот со Грција. Во доменот на безбедност и сигурност, има подобрувања во делот на политички терор, стапката на убиства и затворање но има влошување на перцепцијата за криминал

Македонија е на 40 место во светот на Глобалниот индекс за мир и бележи скок од 11 места кои се должат 5,2 проценти на подобрување на резултатите. Истражувањето на австралискиот Институт за Економија и мир покажа дека Македонија има петти најголем напредок во светот споредено со минатата година.

Најголем напредок има кај индексот за внатрешен конфликт, кој сега е на најниско ниво од 2016 година а тоа се должи на решавањето на спорот со Грција и Преспанскиот договор.

„ Најголем беше индикаторот за интензитет на внатрешен конфликт подобрување, и сега е на најниско ниво од 2016. Конфликтот со Грција е решен со потпишувањето на Преспанскиот Договор, иако Бугарија продолжува да ги блокира преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ. И покрај некои поделби во земјата околу Договорот од Преспа, прашањето не е толку поларизирачко како што беше пред една година“, се вели во извештајот.

Во доменот на безбедност и сигурност, има подобрувања во делот на политички терор, стапката на убиства, стапката на затворање и влијанието на тероризмот но од друга страна пак има влошување на перцепцијата за криминалот.

Споредено со државите од Западен Балкан, Македонија е лидер.

Зад Македонија се Србија која е на 44 место, Албанија - 48 место, Црна Гора - 51 место, Босна и Херцеговина 72 место и Косово кое е на 80 место на Глобалниот индекс.

На првото место за најбезбедна земја во светот е Исланд, по неа е Нов Зеланд, а на третото место е Данска. На четврото место е Португалија, додека на петтото место е рангирана Словенија.

На дното на ранг листата од 163 земји се Јужен Судан, Сирија и Јемен. Последна и најнебезбедна земја е Авганистан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG