Тропските бури Петар и Роуз се формираа во изминатите четири дена во централниот дел на Атлантикот, и барем досега, се чини дека тие не се сериозни закани за САД. Но, нивното формирање покажува дека ова може да биде уште една рекордна година за атлантските бури.
Во последниот извештај, Петар беше на околу 220 километри североисточно од Сан Хуан, Порторико, со максимални ветрови од околу 65 километри на час, кои се очекуваше да се намалат подоцна во вторникот, додека се движи северно од Девствените Острови и Порторико.
Во меѓувреме, Роуз е на исток во Атлантикот, околу 1.500 километри западно кон северозапад од Зелено'ртските Острови, и во последниот извештај, едвај беше тропска бура.
Кога Роуз се формираше во неделата, беше 17-та именувана бура во сезоната 2021-ва година. Откако започна ерата на сателитска прогноза на времето во 1966-тата година, само две други години имаа 17 или повеќе бури.
Добрата вест е дека оваа година, многу од тие бури беа слаби или краткотрајни. Метеоролозите велат дека со почетокот на сезоната кон октомври, условите за формирање на силни тропски бури се намалуваат во Атлантикот.
Но, метеоролозите велат дека условите остануваат поволни за формирање бури во Карибите и Мексиканскиот Залив за тоа време. Минатата година, моќните урагани Делта и Зета го погодија јужниот дел на САД кон крајот на октомври, предизвикувајќи штета од милиони долари.
Facebook Forum