САД соопштија дека почнувајќи од почетокот на ноември, ќе ги ублажи ограничувањата за патување за странските патници што пристигнуваат во земјата.
Патувањата од странство во САД беа во голема мера спречени за време на 18-месечната пандемија, дури и кога европските нации во последните месеци ги олеснија ограничувањата за американските патници пред сезоната на летниот одмор.
Според новата американска политика, координаторот на Белата куќа за ковид, Џеф Зиентс рече дека странските патници повторно ќе бидат пуштени во земјата доколку се целосно вакцинирани пред да се качат на летот за САД и да покажат доказ за негативен ковид тест, спроведен во рамките на три дена од нивниот лет.
Британскиот премиер Борис Џонсон ја поздрави одлуката на САД, велејќи дека странските патници ќе можат да стигнат во САД пред нејзиниот годишен празник на Денот на благодарноста, што се слави оваа година на 25-ти ноември.
„Тоа е одлична работа“, рече Џонсон. „Му благодарам на претседателот Џо Бајден за напредокот што успеавме да го постигнеме“.
Трговската група на Американската асоцијација за патувања, исто така, го поздрави овој потег, велејќи дека „ќе помогне во заживување на американската економија“.
„Ова е голема пресвртница во управувањето со вирусот и ќе го забрза закрепнувањето на милиони работни места поврзани со патувањата, кои се изгубени поради меѓународните ограничувања за патување“, рече претседателот и извршен директор на американската туристичка асоцијација Роџер Доу.
За целосно вакцинираните патници во САД нема да се бара карантин, како што беше случај во некои странски земји.
Но, администрацијата на Бајден, во обидот да поттикне уште милиони Американци да се вакцинираат, рече дека невакцинираните Американци што се враќаат од странство ќе треба да бидат тестирани во рок од еден ден пред нивното доаѓање и повторно откако ќе се вратат дома.
Според владините здравствени власти, повеќе од 181 милиони Американци се целосно вакцинирани, но се проценува дека 70 милиони луѓе што ги исполнуваат условите за вакцина, досега одбиле, од една или друга причина, да се вакцинираат.
Според новата политика, неизвесно е кои вакцини би биле прифатливи за американските власти, а Зиентс рече дека тоа ќе биде оставено на Центрите за контрола и превенција на болести. Моментално, вакцините направени од Фајзер, Модерна и Џонсон и Џонсон се користат во САД
Некои материјали во овој извештај се од Ројтерс и Асошиетед прес.
Facebook Forum