Повеќе од 700 учесници од 28 држави од светот, учествуваат на првата цивилна НАТО вежба која се одржува во Северна Македонија. Вежбата која е во организација на НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи и Центарот за управување со кризи, ќе се реализира на повеќе локации во Охрид и Струга. Истата ќе има за цел поддршка на националните власти во градење на капацитети за подобрување на готовноста при делување за време на природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човек, превенција, одговор и зајакнување на нивната способност за управување во итни случаи. На отворањето беше реализирано показно спасување на пат – симулација на сообраќајна незгода, како и извлекување на луѓе во случај на пожар од станбен објект.
„Можноста за збогатување на знаењата и продлабочување на искуствата, да се тренира и учи под знамето на НАТО, значи да се биде дел од интегриран и високо обучен систем на чија поддршка може да се смета во секое време и секоја ситуација. Би сакал да истакнам колку е важна дигитализацијата на системот за управување со кризи преку НИКС системот „Следна генерација на Инцидент-команд системот“ во Република Северна Македонија. Токму оваа НАТО вежба ќе биде одлична можност да се тестира функционалноста и оперативноста на овој систем“, рече Стојанче Ангелов, директор на Центар за управување со кризи
„Цивилната подготвеност и одржување на континуитетот на функционирање на институциите при справување со кризни и сложени безбедносни состојби е од круцијално значење и основна обврска на членките на НАТО алијансата, при градењето на отпорноста кон сите закани и предизвици“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Помошник генералниот секретар за операции на НАТО, Џон Манза, порача дека денес земјите се соочуваат со големи и сериозни здравствени предизвици.
„Оваа вежба покажува и докажува дека вежбањето, тренингот не се ограничуваат само за одбрана и подготовка на операциите кои се во тек. Ова е многу важно, да се вежба нашата отпорност и способноста да се опоравиме било од природни или од човечки катастрофи. Ова е и можност да решаваме проблеми кои се заеднички, со вештини, техники, процедури како и можност да се развие една заедничка експертиза но, и можност да се зајакнат пријателства“, рече помошник генералниот секретар за операции на НАТО, Џон Манза.
Ќе се разработуваат неколку можни сценарија, од пребарување и спасување во вода и на планина, одговор во случај на поплави, на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести, што ќе влијаат на цивилното население и критичната инфраструктура на областа околу Охрид и Струга.
Facebook Forum