Линкови за пристапност

Северна Кореја повторно тестираше балистички ракети


Северна Кореја во средата тестираше две балистички ракети со краток дострел, втор пат за една недела. По се изгледа ова е уште еден обид за зголемување на дипломатскиот притисок врз Соединетите Држави.

Војската на Јужна Кореја која ги анализира ваквите лансирања соопшти дека ракетите патувале околу 800 километри и достигнале височина од 60 километри пред да паднат во морето покрај источниот брег на Северна Кореја.

Министерството за одбрана на Јапонија соопшти дека проектилите не навлегле во јапонска територија и паднале надвор од јапонската ексклузивна економска зона.

Преку соопштение Индопацифичката команда на американската војска наведе дека ваквото лансирање „го потенцира дестабилизирачкиот ефект“ на нелегалните програми за вооружување на Северна Кореја.

Се уште не јасно каков тип на проектили биле лансирани. Северна Кореја од 2019-та досега тестираше неколку типови на нови балистички ракети со краток дострел.

Лансирањето се случува два дена откако Северна Кореја излезе со тврдење дека успешно тестирала нова ракета со долг дострел. Тоа беше прв ракетен тест по шест месеци.

Кон крајот на минатиот месец Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека изгледа оти Северна Кореја повторно почнала да го користи нуклеарниот реактор во Јонгбојнг кој произведува плутониум.

Овие потези укажуваат дека Северна Кореја се обидува да ја подобри позицијата за пазарење со Соединетите Држави додека преговорите се во застој, велат некои аналитичари. Северна Кореја често се ангажира дипломатски откако ќе ги зголеми тензиите преку вербални закани или тестирања на оружје.

Последното лансирање се совпадна со посетата на Токио на Сунг Ким на Токио, специјалниот американски претставник за Северна Кореја, кој се среќава со претставници на Јужна Кореја и Јапонија.

Во вторникот американскиот претставник ја повтори понудата на Вашингтон повторно да се почнат разговори без предуслови, велејќи дека САД се подготвени да работат со Северна Кореја за хуманитарни прашања „без оглед на напредокот со денуклеризацијата“.

Но, Парк Вонгон, професор специјализиран за Северна Кореја на Универзитет во Сеул, вели дека ваквите изјави по се изгледа не ја задоволиле Северна Кореја.

„Северна Кореја има многу причини да ги притиска САД. Иако изјавите на Сунг Ким можеби звучат утешно, тој исто така постојано вели дека САД нема да го прифатат барањето на Северна Кореја за укинување на санкциите“.

Иако администрацијата на Џо Бајден изрази подготвеност за продолжување на преговорите со Северна Кореја голем дел од фокусот е на друго место, како повлекувањето на американските трупи од Авганистан и борбата со Ковид-19. Некои аналитичари велат дека Пјонгјанг можеби се чувствува игнорирано.

„Северна Кореја го изразува своето незадоволство кон администрацијата на Џо Бајден која е многу пасивна“ вели Бонг Јонг-шик, истражувач од Универзитетот Јонсеи во Сеул.

Поголемиот дел од годинава Северна Кореја беше фокусирана на домашни проблеми како природни катастрофи, превенција на пандемијата и недостаток на храна. Бидејќи овие проблеми се уште постојат некои аналитичари велат дека Северна Кореја ќе се воздржи од големи провокации, како тестирање ракети со долг дострел или нуклеарни тестови, со кои би ризикувала дополнителни економска и дипломатска изолација.

Во јуни севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, рече дека неговата земја се подготвува „и за дијалог и за конфронтација“ со Соединетите Држави.

Неколку месеци подоцна Северна Кореја на кратко повторно отвори неколку канали за комуникација со Јужна Кореја со што ги зголеми надежите дека Пјонгјанг влегува во нова дипломатска фаза. Но, Северна Кореја ги прекина комуникациите само неколку дена подоцна откако Јужна Кореја и САД извршија заеднички воени вежби кои Пјонгјанг ги гледа како провокација.

XS
SM
MD
LG