СКОПЈЕ – Засега Владата не треба да поднесе колективна оставка поради трагедијата во Тетово, треба да се почекаат резултатите од целокупната истрага и форензичарите и потоа ќе се донесе одлука за евентуални оставки и на министерот Венко Филипче и на заменик министерот Илир Хасани. Ова е ставот на премиерот Зоран Заев која денеска прв пат се појави во јавноста по трагедијата која се случи на 8 септември а во која загинаа 14 лица.
„Четврток, петок сабота и недела немав прес конференции. Трите дена беа денови на жалост и во моменти на чувствителност, не сакав да влијаам врз севкупниот впечаток, истраги или што било што е поврзано со ова. Сè со конечната цел, соодветните експерти и институции испорачаат одговори на сите овие прашања за кои се заинтересирани, пред сè, семејствата на починатите и сите наши граѓани“,рече премиерот Заев.
Околу понудените оставки, го повтори истиот став. Побара време за да се заврши истрагата.
„Со огромно сочувство кон семејствата, ред е прво да почекаме да се добијат сите одговори од сите експерти, од форензичарите, од целокупната истрага од сите можни аспекти и после тоа ќе го кажам моето мислење во однос на понудените оставки. Го разбирам високиот морален чин на министерот, заменикот и на директорите, како чин кој пред сè е од човечки причини, од етички и морални аспекти и еве тие ја доставија оставка. Трагедии се случуваат насекаде. Не мислам дека целата Влада треба да поднесе оставка заради трагедијата која се случи во Тетово“, дециден беше премиерот.
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ останува на својот став – оставки од премиерот и министерот за здравство. Оттаму велат дека премиерот Заев не треба да релативизира, туку да ја ослободи истрагата од влијанија и притисоци и заедно со Филипче и Хасани да си поднесат оставки.
„Министерот Филипче, неговиот заменик Хасани и премиерот Заев покрај моралната имаат и одговорност да одговорат: Каков е квалитетот на материјалите од кој е изградена болницата во Тетово? Зошто немало противпожарни апарати иако на таков пропуст било и предупредувано? Зошто роднини на болни се грижеле во болницата за своите блиски, наместо доволен број на медицински школуван кадар? И кој во име на власта се заканува по живот на роднините на жртвите кои сведочат за вистината на катастрофата во Тетово? Очекувавме дека Заев нема да биде против Заев и неговиот бизнис и политички партнер Филипче, но очекувавме дека поради морална одговорност и пред се поради ослободување на истрагата од притисоци истите ќе си поднесат неотповиклива оставка“, соопштија од ВМРО - ДПМНЕ.
Пратеникот Антонио Милошоски најави дека пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ ќе достави предлог одлука за разрешување на Филипче поради лошиот менаџмент на здравствената криза.
Иако засега не е познато која фирма го вршела надзорот при изградбата на модуларните болници ниту пак која е акредитираната фрима која што проверувала дали сите вградени материјали се според сертификатите и атестирани, премиерот Заев вели дека проектот за изградба на модуларните болници е спроведен по сите пропишани процедури.
Во моментов пристигната е претходницата на германскиот тим форензичари кои го обезбедуваат теренот и објектот. Се очекува дека форензичарите како помош од НАТО ќе пристигнат во наредните неколку дена.
Она што е досега познато е дека во пожарот настрадаа 14 лица, двајца од нив се цивили – блиски роднини на пациенти кои биле во модуларната болница во моментот на пожарот иако тоа е најстрого забрането.
Од Обвинителството информираат дека од Министерството за здравство и од комапнијата „Брако“ е побарано да се предаде целокупната документација околу изградбата на модуларната болница.
„Покрај досега издадените мерки и писмени наредби за вештачења, донесена е писмена наредба до Министерството за здравство на Република Северна Македонија за предавање на целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. За таа цел испратени се истражители од Основното јавно обвинителство во Тетово до надлежното министерство, заради подигнување на целокупната документација која ќе биде предмет на разгледување и анализа. Петтемина обвинители поднесоа барање за пружање помош во кривична постапка до Основно јавно обвинителство во Велес, за од правно лице од Велес, да се одземе целокупната документација по однос на градбата на Модуларната болница во Тетово“, стои во соопштението на Обвинителство.
Дополнително доставена е наредба до Клиничка болница во Тетово која треба да го достави елаборатот за складирање на хемикалии и горива, како и генератори при прекин на струја, како и да се планот за електрична инсталација на Модуларната болница.
„Издадена е писмена наредба до ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, да се достави Планот – елаборат на системот за снабдување со кислород со доводи, цевки и приклучоци за Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. До „ЕВН Македонија“- КЕЦ-Тетово издадена е писмена наредба за доставување на елаборат за снабдување со електрична енергија, односно Планот за целокупната електрична инсталација за Модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово“, додаваат од Обвинителството.
Обвинителството веќе нареди тетовската полиција да ја одземе целосната документација за изградбата на модуларната болница од Кличничкиот центар во Тетово и од фирмата изведувач на работите. Оттаму соопштија дека се подигнати материјали од болницата кои се дадени на вештачење а ангажиран е и вештак електротехничар кој треба да утврди дали дефект на електричната инсталација е причина за трагедијата. Од видео записите на очевидците јасно се гледа дека во моментот на пожарот струја во и околу објектот има.
Снимките од безбедносните камери од болницата но и од околните објекти веќе се подигнати а се собираат и оние на очевидци и од социјалните мрежи. Во рамките на досегашната истрага повикани на распит се дел од лекарскиот персонал кој бил во Модуларната болница во моментот на пожарот но и дурги лица.
Facebook Forum