На денешната вонредна седница владата донесе одлука за прифаќање на понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да помогнат со стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за се утврдат причините за пожарот кој за неколку минути го уништи целиот објект.
Истовремено, продолжи увидот на локацијата – 5 обвинители излегле на терен, а издадена е и наредба за обезбедување на снимките од видео-надозорот во и околу објектот.
По рекациите во јавноста и на социјалните мрежи министерството за здравство излезе со соопштение во кое се вели дека „сите 19 модуларни ковид болници во државата се типски објекти градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди и дека модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово се отворени по извршен технички прием“. Министерството апелира да не се шпекулира со ваквите информации и да се сочекаат наодите на истрагата.
Денеска во Тетово беше шефот на државата – и тој повика да се почекаат резултатите на надлежните институции.
„Од сето она што го чув и од одговорниот во противпожарната екипа, за само неколку минути изгорел целиот објект, што е само по себе основа за анализа. Меѓутоа, тоа е работа на надлежните институции. Ние имаме доволно стручни кадри во сите овие институции кои се инволвирани во оваа, да ја наречам, повеќеслојна истрага. Јас не се сомневам дека за кратко време ќе ја знаеме вистинската причина. Она што сакам јавно да го кажам – до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав на пример со претседателот на Словенија, Пахор, кој ме праша истото, има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа – до овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно, со цел да се постигне некаква друга, политичка цел“ изјави претседателот Стево Пендаровски.
„Натажена сум од страшните случување во болницата во Тетово. Сочувство до фамилите на оние кои ги загубија животите, како и до оние кои се повредени“, напиша на Твитер американската амбасадорка Кејт Брнз. Пораки стигнаа и од Брисел и соседството. „Нашите мисли се со тетовци утрово по трагичниот пожар во модуларната болница. Искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените“, порача амбасадорот на ЕУ во земајва, Дејвид Гир. „Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во Ковид болницата во Тетово, која однесе човечки животи. Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите“, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, денеска телефонски разговараше со премиерот Заев. „Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош“ – изјавил Вучиќ. „Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите“ – беше пораката од грчкото министерство за надворешни работи.