СКОПЈЕ – Четвртиот бран на епидемијата на коронавирусот полека спласнува покажува неделната анализа на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Намален е бројот на новозаболени, починати и реинфицирани додека се зголемува бројката на оздравени пациенти.
Во периодот од 30 август до 5 септември регистрирани се 4.623 новозаболени во 34 града низ државата што е за 27 отсто помалку споредено со неделата претходно кога беа регострирани 6.361 нов случај. Највисока инциденца овој пат има Свети Николе со 335 заболени на 100 илјади жители а потоа е Скопје.
Најмногу нови случаи се повторно граѓани над 60 години – 1.379, но клучно е што има огромно намалување на бројките кај помладата популација - 43 отсто кај лицата на возраст од 20 до 29 години и 35 отсто кај возрасната група од 30 до 39 години.
Направени се 38.587 тестирања а во просек позитивни се 11,7 отсто за разликa од неделата претходно кога просекот беше 15,2 отсто.
Минатата недела забележани се 36 реинфекции кај пациенти кои веќе еднаш го прележале вирусот што е двојно помалку од претходната недела.
Во анализираниот период како последица на компликации од коронавирусот починаа 194 лица во 22 града низ државата а најмногу се од Скопје – 63. Повозрасните граѓани се најбројни кај жртвите 148 лица над 60 години.
Минстерот Венко Филипче најави дека сеуште се чека на официјална препорака за трета „бустер“ доза на вакцина која засега се дава само на имунокомпромитираните пациенти.
„Нашиот комитет за имунзација ги чека, токму официјалните препораки за и ние тој дел, исто така, го препорачаме. Веќе официјално е препорачана „бустер“ дозата за имунокомпромитираните пациенти, тие кои се на хронична дијализа, меѓутоа треба да помине да помине временски период од шест месеци“, изјави Филипче.
Процесот на вакцинација продолжува со исто темпо. Во текот на вчерашниот ден вакцинирани се 14.159 граѓани од кои првата доза ја примиле 3.621 лице.
Според официјалните податоци на здравствените власти, заклучно со викендот, една доза на вакцина против Ковид 19 примиле 44,6 отсто од населението над 18 годишна возраст. Подобар е и одзивот за вакцинација кај повозарсните граѓани каде 54 отстоод граѓаните над 40 години имаат примено барем една доза на вакцина, а се зголемува и и процентот кај популацијата меѓу 18 и 39 години и во моментов е 29 отсто.
„Најголем опфат со една доза на вакцина има во Неготино 63,4%, Кавадарци 62,3% и Охрид 61,4%. По нив, најмногу вакцинирани со прва доза има во градовите Гевгелија 59,8%, Берово 56%, Ресен 57,2%, Битола 55,8%, Ресен 57,2%, Пехчево 53%, Крушево 52,3%, Валандово 53,3%, Штип 51,9%, Пробиштип 50,5%. Помеѓу 40-50% опфат на вакцинирано население со барем една доза на вакцина има во градовите Демир Хисар, Велес, Св.Николе, Кочани, Делчево, К.Паланка, Струга, Прилеп, М.Брод, и Скопје, а помеѓу 30-40% опфат во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Струмица, Тетово, Гостивар, Радовиш. Најмал процент од населението, вакцинирано со барем една доза вакцина има во градовите Гостивар 30,5% и Дебар 31,7%“, информираат од МИнистерството за здравство.
Досега, со една доза се вакцинирани 747.225 граѓани а целосно со две дози се вакцинирани 579.358 граѓани.
Facebook Forum