Американскиот претседател Џо Бајден пристигна во Луизијана за да ја процени тешката штета што ураганот Ајда ја нанесе на јужниот дел на државата, пред да продолжи кон Север и кон источниот дел Соединетите Држави.
Бајден со гувернерот Џон Бел Едвардс и со локалните власти ќе разговара за бурата која остави без струја околу 600.000 луѓе а 600.000 други без вода.
Претседателот, исто така, планира да ги прелета тешко погодените области, вклучително и парохијата Лафорш, каде претседателот на локалната самоуправа рече дека една четвртина од домовите во неговата заедница од 100.000 луѓе се уништени или тешко оштетени.
Ајда пристигна на брегот во Луизијана во неделата како ураган од четврта категорија, петти најсилен што ги погоди САД, при што загинаа најмалку девет лица пред да продолжи кон Север и кон источниот дел на САД, што предизвика поројни дождови и поплави во средата во Њујорк, Њу Џерси и околните области.
Претседателот во четвртокот рече дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) и другите агенции ќе работат деноноќно додека целосно не се задоволат потребите на регионот.
Официјални лица во американските сојузни држави Њујорк, Њу Џерси и Пенсилванија во четвртокот изјавија дека најмалку 46 лица загинале како последица на поплавите предизвикани од поројните врнежи предизвикани од остатоците од ураганот Ајда.
Официјални лица во Њујорк и предградието Вестчестер Каунти велат дека дури 16 лица загинале додека биле заробени од надојдената вода во подрумските станови или заглавени во нивните автомобили. Најмалку 23 лица загинаа во Њу Џерси, изјави гувернерот Фил Марфи. Најмалку пет лица загинаа во Пенсилванија и по едно во Конектикат и Мериленд, соопштија официјалните лица.
Ајда пристигна на брегот на Луизијана во неделата како ураган од категорија 4. Она што остана од Ајда се упати кон североисток, каде што се судри со друга бура и фрли толку многу дожд во средата што Националната метеоролошка служба за прв пат во историјата објави предупредување за поплави во Њујорк и Њу Џерси.
Многу улици брзо се претворија во реки, потопуваа автомобили, па дури и автобуси. Поголемиот дел од градскиот метро систем беше затворен поради поплавите.
Говорејќи во Белата куќа во четвртокот, претседателот Џо Бајден, исто така, вети итна помош за гувернерите и на Њу Џерси и Њујорк, како и на други сојузни држави во регионот и испрати сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите по Ајда.
Некои информации во овој извештај се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс