Линкови за пристапност

По ураганот Ајда, Бајден во посета на Луизијана


Американскиот претседател Џо Бајден патува за Луизијана за да се сретне со гувернерот Џон Бел Едвардс и да разговара за закрепнувањето од ураганот Ајда. Претседателот во четвртокот рече дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) и другите агенции ќе работат деноноќно додека целосно не се задоволат потребите на регионот.

Официјални лица во американските сојузни држави Њујорк, Њу Џерси и Пенсилванија во четвртокот изјавија дека најмалку 46 лица загинале како последица на поплавите предизвикани од поројните врнежи предизвикани од остатоците од ураганот Ајда.

Официјални лица во Њујорк и предградието Вестчестер Каунти велат дека дури 16 лица загинале додека биле заробени од надојдената вода во подрумските станови или заглавени во нивните автомобили. Најмалку 23 лица загинаа во Њу Џерси, изјави гувернерот Фил Марфи. Најмалку пет лица загинаа во Пенсилванија и по едно во Конектикат и Мериленд, соопштија официјалните лица.

Ајда пристигна на брегот на Луизијана во неделата како ураган од категорија 4. Она што остана од Ајда се упати кон североисток, каде што се судри со друга бура и фрли толку многу дожд во средата што Националната метеоролошка служба за прв пат во историјата објави предупредување за поплави во Њујорк и Њу Џерси.

Многу улици брзо се претворија во реки, потопуваа автомобили, па дури и автобуси. Поголемиот дел од градскиот метро систем беше затворен поради поплавите.

Говорејќи во Белата куќа во четвртокот, претседателот Џо Бајден, исто така, вети итна помош за гувернерите и на Њу Џерси и Њујорк, како и на други сојузни држави во регионот и испрати сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите по Ајда.

Некои информации во овој извештај се преземени од Асошиетед прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG