Линкови за пристапност

Во Њујорк и Њу Џерси загинаа 18 лица по ураганот Ајда, Бајден вети итна помош


Претседателот ги нарече екстремните бури и пожари како потсетник дека климатските промени се тука, и го повика Конгресот да го усвои неговиот инфраструктурен предлог-закон

Официјални лица од Њујорк и Њу Џерси денес соопштија дека најмалку 18 лица загинаа откако поплавите предизвикани од поројните врнежи го погодија североистокот на САД, предизвикани од остатоците на ураганот Ајда.

Официјални лица во Њујорк велат дека дури 14 луѓе загинале додека биле заробени во подрумски простории за домување. Други биле заробени во нивните автомобили.

Бурниот систем што првично излезе на брегот како ураган од четврта категорија во неделата во Луизијана, донесе толку многу дожд во Њујорк во средата што Националната метеоролошка служба го издаде своето прво итно предупредување за метрополата како и за соседниот град Њуарк, во Њу Џерси.

Многу улици брзо се претворија во реки, оставајќи ги потопени автомобилите, па дури и патничките автобуси. Поголемиот дел од градскиот метро систем беше принуден да се затвори поради поплавите.

Гувернерката на Њујорк, Кети Хохул, разговараше со новинарите по обиколката на градот и забележа рекордни осум сантиметри дожд што паднаа за еден час во Централ Парк во Њујорк, соборувајќи го рекордот поставен само една недела претходно. Таа рече дека тоа кажува дека овој вид катаклизмичен настан веќе не е „непредвидлив“, и градот и државата треба да бидат подготвени.

Говорејќи во Белата куќа, претседателот Џо Бајден вети итна помош за гувернерите и на Њу Џерси и на Њујорк, како и на другите држави во регионот и испрати сочувство до семејствата на оние што ги загубија животите.

Тој, исто така, рече дека ќе отпатува во Луизијана утре за да се сретне со гувернерот Џон Бел Едвардс за да разговараат за напорите за закрепнување од Ајда. Претседателот рече дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) и другите агенции ќе работат деноноќно додека целосно не се задоволат потребите на регионот.

Бајден истакна дека регионот погоден од Ајда е клучен центар на нафтената нафтена инфраструктура за производство и рафинирање. Тој рече дека владата ќе се потруди за да се осигура дека бензинот продолжува да тече низ целата земја.

„Сите сме заедно“, рече Бајден во четвртокот во Белата куќа. „Нацијата е тука да помогне.

Претседателот, исто така, ги нарече екстремните бури и пожари како потсетник дека климатските промени се тука, и го повика Конгресот да го усвои неговиот инфраструктурен предлог-закон, кој содржи мерки за решавање на истите.

Некои информации во овој извештај беа обезбедени од новинските служби на Асошиетед прес и Ројтерс.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG