Линкови за пристапност

Бројките на новозаболени се намалуваат, министерот Филипче очекува состојбата да се стабилизира


Факторот на преносливост падна под 1 и здравствените власти очекуваат бројките да стагинараат и наредната недела да се намалат. Повторно најмногу заболени и починати се граѓани на возраст од над 60 години. Во болниците се хоспитализирани над 1.100 пациенти

СКОПЈЕ - Бројките на новозаболени полека се намалуваат, покажува анализата на Институтот за јавно здравје за периодот од 23 до 29 август. Министерот за здравство Венко Филипче пак соопшти дека„Ро“ факторот на преносливост падна под еден и дека очекува трендот на стагнација и намалување на бројките да продолжи повикувајќи се на искуствата од претходните три бранови на епидемијата.

„Имајќи ги предвид досегашните искуства со претходните бранови на ковид-19, очекуваме да продолжи трендот на опаѓање на бројките на новозаразени, кој е присутен веќе неколку дена наназад. Денеска имаме под 900 новозаразени, а факторот на преносливост е намален под единица, односно засега е 0,9. Исто така, постепено се стабилизира ситуацијата во Тетово, кој беше еден од најсилно погодените градови во овој бран“, изјави Филипче.

Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), минатата недела се регистрирани 6.361 новозаболен во 35 града низ државата што е за 7 отсто помалку споредено со неделата претходно кога беа регистрирани 6.768 нови случаи.

Најмногу новозаболени има во Скопје – 2.478 а највисока инциденца е регистрирана во Кичево – 456 заболени на 100 илјади жители.

Повторно најмногу новозаболени има кај популацијата над 60 години и минатата недела заболеле 1.599 граѓани односно 25 отсто. Зголемување на заболени има и кај возрасната група од 40 до 49 години, додека кај сите останати е регистриран тренд на намалување.

Минатата недела 199 пациенти починаа поради компликации предизвикани од коронавирусот. 138 лица или 70 отсто се на возраст од над 60 години но најмладата жртва имаше 24 години а починаа и неколкумина кои беа во своите рани триесетти. Најманогу починати има во Скопје – 64, Тетово – 42 и Гостивар – 27. Од починатите над 73 проценти имале хронични заболувања.

„Тоа што се забележува е дека долго се лекуваат надвор од болнички услови и доаѓаат на лекар многу доцна, со лоши параметри, многу ниска сатурација. Пациентите се лекуваат според протокол и не се точни информациите дека нема протоколи за лекување. Бројот на починати лица кои се вакцинирани е навистина многу мал што ја докажува ефикасноста на вакцината, а тоа е дека таа 20 пати го намалува ризикот од смрт. Голем дел од починатите пациенти имаат придружни болести, како карцином, нерегулиран дијабетес, срцеви заболувања, биле подложени на повеќе хируршки интервенции“, објасни Филипче.

Во моментов хоспитализирани се 1.124 лица од кои над 800 се на килородна поддршка а 43 се приклучени на вентилација. Најголем притисок има врз болниците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. Од вчера Ковид центри се отворени во две Клиники во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“.

„Обезбедуваме болнички кревети за сите пациенти. Тоа го правиме по системот на ротација. Имено, и тука во Скопје, се отворија дополнителни ковид-центри, од вчера и на интерните клиники. Имаме секојдневна консултација со директорите и согласно расположливиот кадар, лекари и медицински сестри, се отвораат овие дополнителни центри“, изјави министерот Филипче.

Во последните седум дена пријавени се 80 случаи каде пациенти кои го прележале вирусот повотрно се заразиле , што е речиси двојно повеќе споредено со претхониот период а од почетокот на епидемијата бројката на реинфицирани пациенти е 431 од кои еден пациент е бил позитивен по трет пат.

Досега прва доза вакцина примиле 722 илјади граѓани а целосно ревакцинирани се 525 илјади. Гледано по градови најголем процент на вакцинирани барем со една доза има во Кавадарци и Неготино – 61 отсто и во Охрид 59,3 отсто. Најслаб одзив е во Гостивар 29,6 отсто, Дебар 30 отсто и Куманово – 33,2 отсто.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG