Официјални претставници на Европската унија велат дека блокот се очекува да им препорача на своите земји-членки да ги вратат ограничувањата за патување поврзани со ковид-19 за патниците од САД, каде што последните случаи нагло ги зголемија бројот на заболени и хоспитализации.
Службениците, кои разговараа со новинарите под услов на анонимност бидејќи се уште се разгледува патничката политика на ЕУ, велат дека веќе оваа недела, САД може да се отстрани од „безбедната листа“ на земји чии жители можат да патуваат во блокот од 27 нации без дополнителни ограничувања, како што се барања за карантин и тестирање.
Препораката ќе дојде од Европскиот совет, кој го прегледува списокот на патувања на ЕУ на секои две недели. Меѓутоа, предложените ограничувања нема да бидат обврзувачки за земјите членки, бидејќи не постои унифицирана политика за патување и земјите членки се слободни да поставуваат сопствени прописи.
ЕУ ги укина повеќето ограничувања за туристичко патување за жителите од САД во јуни, иако САД остана затворени за европските патници.
Прагот за да се биде на „безбедна листа“ на ЕУ е стапката на инфекција да не е повисока од 75 нови случаи на 100 илјади жители во претходните 14 дена. Најновите бројки од САД покажуваат дека стапка од повеќе од 300 нови случаи на 100 илјади луѓе.
Минатата недела, новите случаи дневно беа во просек повеќе од 150 илјади, број што потсетува на најлошите месеци како што беа јануари и февруари оваа година. Хоспитализациите поврзани со ковид-19, исто така, се зголемија на околу 100 илјади , број што не е забележан од почетокот на февруари.
Некои информации за овој извештај беа обезбедени од новинската служба Асошиејтед прес.
Facebook Forum