Првата група од 121 евакуирани лица од Авганистан пристигнаа денес во Албанија, откако земјата се согласи привремено да смести авганистански државјани на барање на САД.
Се очекува повеќе лица да отпатуваат во земјите од Западен Балкан, но времето е неизвесно поради хаосот и ситуацијата на аеродромот во Кабул, бидејќи САД и другите земји се во трка со времето да ги извлечат Американците и другите од земјата пред 31-ви август, крајниот рок за целосно повлекување.
Официјални лица во Албанија велат дека првата група од 121 е составена од граѓански активисти и други, вклучувајќи деца и 11 бебиња. Летот имал едно застанување во Грузија, пред да замине за Албанија, пристигнувајќи на главниот аеродром во Тирана денес, во три часот наутро по локално време.
Тие сега се привремено сместени во три хотели во близина на крајбрежниот град Драч, околу 38 километри оддалечен од Тирана.
„Се подготвивме за се’, вклучително и обработка на документација и регистрација, здравствени проверки, санитарни пакети, храна, транспорт и курсеви за безбедност“, рече министерката за надворешни работи, Олта Џачка, која беше подготвена да ја пречека групата на аеродромот.
На пречекот присуствуваше и американската амбасадорка во Албанија Јури Ким, која се заблагодари на Албанија за гостопримството.
Албанија беше една од првите земји што се согласи да ги преземе загрозените жители на Авганистан, првично со бројка од неколку стотици, подоцна таа бројка се искачи на 4 илјади лица.
Покрај Албанија, земјата-сосед членка на НАТО, Северна Македонија како и Косово кој се уште не е членка на НАТО, се согласија исто така да примат загрозени лица од Авганистан.
Facebook Forum