Последните случувања во Авганистан и преземањето на власта од страна на Талибанците, може да донесе нов миграциски бран, оценува Јасмин Реџепи, од невладината организација Легис и добар познавач на приликите. Но, според него тој број нема да биде ист како за време на миграциската криза во 2015-та и 2016-та година, бидејќи тогаш се работеше за луѓе кои во исто време тргнаа од различни делови на светот.
„Најбрзо што би можеле да стигнат тоа е отприлика за месец дена, бидејќи тие не патуваат со автомобил, воз или автобус, туку патуваат со криумчари, пешки ги поминуваат границите. Многу тешки начини и сето тоа трае временски многу и немаат можност да стигнат порано до нашите граници“, вели Јасмин Реџепи од невладината Легис.
Реџепи, вели дека рутата би била истата и би се движела преку Иран, Турција, Грција, Северна Македонија, Србија и понатаму кон Европа. Но, оти талибанскиот режим нема така лесно вели да дозволи, луѓето да ја поминат границата.
„А, нема да дозволат ниту земјите кои што се околу Авганистан но, и тука барање од одредени земји членки на ЕУ, да се спречи таквиот бран, со што би се разговарало со земјите кои што се соседи со Авганистан, да се направат бегалски центри кои се уште се таму и да се задржат се уште на азиско тло, а да не стигнат до Европа“, додава тој.
Со каков интензитет ќе биде овој миграциски бран, ќе зависи и од останатите држави, низ кои што мигрантите ќе треба да поминат, вели универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев.
„Односно зависи од политиките кои што тие држави ќе ги имаат. Дали Турција ќе ги пропушта кон Грција? Политиката која што Грција ќе ја води кон нив, па дури потоа ние да мислиме дали и на каков начин ние да се справуваме со нив. Затворањето на границите може да биде и многу позитивно, бидејќи ефектот на редуцирање на опасностите или бројот на филтри низ кои ќе мора поминат оние кои ќе сакаат да мигрираат, ќе биде многу поголем“, вели професорот Методи Хаџи Јанев.
Хаџи Јанев очекува дека овој пат ќе има подобар и покоординиран институционален одговор.
„Но сепак треба да видиме колку и како институциите се спремни и ја напишале домашната задача. Колку како општество ќе бидеме отпорни на целата оваа ситуација и како ќе успееме да го намалиме негативниот ефект на миграциската криза или интензитетот од истата, колку добро тоа ќе успееме да го изменаџираме“, додава тој.
Реџепи смета дека друг важен момент е што луѓето кои сега се наоѓаат во Авганистан, немаат можност да ги извадат парите од банките и со тоа да го платат патот кон Европа, што е дополнителен проблем, во намерата да стигнат до нашите граници. Инаку повеќе од два милиони бегалци од во моментот се наоѓаат во Иран и Пакистан. Дополнително, турскиот претседател Ердоган гради голем ѕид на границата со Иран за да спречи бегалски бран со Авганистанци.
Facebook Forum