Претходно повеќе западни земји предупредија на закана од терористички напад на аеродромот и дека оние кои се собрани во областа во очекување на евакуација треба да се префрлат на безбедна локација.
„Поради безбедносни закани пред портите на аеродромот во Кабул ги советуваме американските државјани да избегнуваат да патуваат кон аеродромот и да ги избегнуваат портите пред аеродромот освен ако не добијат индивидуални насоки од претставник на американската влада“ се наведува во соопштението од американската амбасада во Кабул. Британскиот министер за вооружени сили, Џејмс Хипи, за радиото на Би Би Си изјави дека „постои многу кредибилен извештај за напад“.
Одделот за надворешни работи и за трговија на Австралија исто така цитираше „висока закана за терористички напад“, а премиерот на Белгија, Александер Де Кру рече дека неговата влада прекинала со операциите за евакуација откако од САД и од други извори биле информирани за можен напад.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата повторни дека Соединетите Држави гледаат потенцијална закана од групи поврзани со Исламска Држава кои оперираат во Авганистан.
„Оперираме во непријателска средина во град и држава кои сега се контролирани од Талибанците, со многу голема можност за напад од ИСИС. Ги преземаме сите превентивни мерки, но ризикот е многу голем“ изјави Блинкен.
Соединетите Држави се заложија дека ќе продолжат со напорите за евакуација на американски државјани, носители на зелена карта, сојузни и на други ранливи Авганистанци дури и ако тоа значи пробивање на рокот од 31 август на кој американските сили треба да го напуштат Авганистан.
„Не постои краен рок за извлекување на Американците и на Авганистанците кои сакаат да заминат и по 31 август“ изјави државниот секретар Ентони Блинкен. „Тие нема да бидат заборавени“ потенцираше тој.
Белата куќа во четвртокот соопшти дека од 14 август досега Соединетите Држави евакуирале или помогнале да бидат евакуирани околу 95.700 луѓе со летови на американската војска и на сојузниците.
Околу 1.500 американски цивили се уште се во Авганистан. На 14 август бројката беше околу 6.000.
Околу 10.000 луѓе кои се надеваат дека ќе избегаат од земјата во моментов се на аеродромот во Кабул.
„По 31 август безбедносната контрола на аеродромот во Кабул нема да биде американска одговорност“ изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
Некои делови од овој извештај се преземени од Асошиетед Прес, АФП и Ројтер