Линкови за пристапност

Заев: Се определивме за поголем број бегалци, затоа што ние сме народ со големо срце


Заев: Се определивме за поголем број бегалци
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Бројките се’ уште никој не може да ги каже зашто и оние кои беа потврдени 450, 780 од вчера попладне дел се откажале, отишле на друга дестинација

Нема потврда за точната бројка на цивили-бегалци од Авганистан кои треба да пристигнат во Северна Македонија. Се зависи од ситуацијата на аеродромот во Кабул и распределбата на луѓето кои се евакуираат од оваа земја.

„Бројките се’ уште никој не може да ги каже зашто и оние кои беа потврдени 450, 780 од вчера попладне дел се откажале, отишле на друга дестинација и не можеме да ги потврдиме бројките“, изјави премиерот Зоран Заев.

„Досега бројката е 750, не можеме да кажеме дали ќе бидат 800, дали дел од тие што потврдиле, а заминале на други локации... Така што таа бројка флуктуира меѓутоа секогаш е во рамките на можностите кои владата ги оценува за привремено згрижување на тие луѓе...“, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Станува збор за привремен престој од 90 дена за овие бегалци. Прашањето е дали меѓу нив може да се протнат и лица кои би биле потенцијална безбедносна закана за земјава.

„Постои процедура за издавање на дозвола за привремен престој - еден од сегментите за издавање на оваа дозвола е и проверка преку АНБ. Така што службите се во постојана комуникација за тоа кои се луѓето кои треба да пристигнат и апсолутно секој кој би бил ризик нема да дозволиме да дојде“, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Премиерот повтори дека Северна Македонија самата се понудила, за како што вели, заедно со стратешките партнери да ја сподели одговорноста. „И еден човек да спасиме, мислам дека го спасуваме светот“ – изјави Заев.

„Колку пари ќе ја чини државата примањето на тие бегалци? - 74.000 денари – смештајот и храната за тие луѓе кои верувам дека овие денови ќе стигнат зашто е многу комплицирано на аеродромот во Кабул. Прво ќе стигнат лица кои се миротворци, новинари, жени, деца, активисти, преведувачи... Зошто се определивме за поголема бројка од некои поголеми држави? Зашто веројатно имаме поголемо срце, зашто сме повеќе луѓе, веројатно зашто живееме во регион кој трпел конфликти, пател и знае што е солидарност. Такво е и Скопје за кое цел свет ја испрати пораката за солидарност во 1963-та година. Се работи за прашањето дали сме луѓе или не, да подадеме рака“, додаде Заев.

Секој ден, со десетици летови, илјадници Авганистанци се евакуираат откако власта во Кабул ја презедоа талибанците. Дел од овие цивили привремено треба да бидат сместени во земјава, во околината на Скопје, се до нивното заминување на крајните локации.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG