Се зголемува бројот на цивили од Авганистан кои ќе допатуваат во Северна Македонија. Меѓународни организации побарале 780 лица да бидат згрижени во земјава.
„780, за толку граѓани Владата презема обврска да обезбеди сместување и да ги згрижи, да помогне полесно да го поминат овој период додека се тука 90 дена. Во однос на хотелите, тоа е обврска на меѓународните организации кои ги покриваат трошоците. Најголем дел ќе бидат сместени на периферијата на Скопје“, изјави портпаролот на влада, Душко Арсовски.
На критиките зошто земјата се решава да прифати бегалци кога на тоа не се решаваат поголеми и побогати држави, надлежните аргументираат дека тоа се прави за да се помогне во справување со хуманитарната криза и затоа што Северна Македонија како членка на НАТО има обврски и одговорност.
„Тоа се луѓе на кои им треба времено престојување пред да заминат во земјите кои се нивна конечна дестинација. Затоа сум внимателна околу бројките – вчера имавме најава за еден авион кој на крајот не полета. Затоа, нема да криеме ниту еден податок, но апелирам до сите медиуми да бидат внимателни зашто често информациите се покажуваат неточни. За секое слетување на граѓани од Авганистан ќе бидете информирани и мислам дека мнозинството граѓани во земјава кога ги видоа стравичните слики од аеродромот во Кабул се согласуваат дека како земја која знае колку екстремизмот е опасен, треба да дадеме помош и поддршка“. Изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Покрај земјава, и Албанија и Косово изразија подготвеност за прием на бегалци од Авганистан. Тоа денеска во Скопје го потврди и шефот на косовската одбрана.
„Ние, како Влада, исто така ја понудивме нашата поддршка. Подготвени сме да обезбедиме поддршка на луѓето или на оние работници во Авганистан на кои им е потребна солидарност“, изјави министерот за одбрана на Косово, Арменд Мехај.
Освен привремено згрижување на бегалци, Северна Македонија добила барање од НАТО за испраќање персонал за поддршка кој ќе треба да асистира во делот на прифаќање и работа со цивилите од Авганистан кои ќе бидат транспортирани во некоја од базите на Алијансата во Европа.