Линкови за пристапност

Двајца американски конгресмени во ненајавена посета на Кабул


Двајца американски конгресмени ненајавено отпатуваа во авганистанскиот главен град Кабул за, како што наведоа, да извршат увид во напорите за евакуација и да извршат притисок врз американскиот претседател Џо Бајден да го продолжи рокот за повлекување на останатите трупи и по 31 август.

„Посетата е тајна, информиравме откако заминавме за да го минимизираме ризикот за луѓето и бидејќи сме таму за да собереме информации“ се наведува во заедничкото соопштение на конгресменот Сет Мултон, Демократ од Масачусетс и на конгресменот Питер Меиџер, Републиканец од Мичиген.

Законодавците, кои се членови на Комитетот за вооружени сили во Претставничкиот дом, го објавија соопштението откако одлетаа за Кабул со чартер лет. Тие сметаат дека „нема сите да бидат извлечени на време“, откако ја увидиле ситуацијата на терен и разговарале со командирите.

Џо Бајден во вторникот изјави дека очекува мисијата за евакуација да биде завршена до крајот на месецов.

Белата Куќа во средата соопшти дека во последните 24 часа приближно 19 илјади луѓе биле евакуирани од Кабул на 42 американски и 48 коалициски летови.

Вкупниот број евакуирани од 14 август достигна 82.300.

Спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, изјави дека патување во регионот од страна на членови на Домот ги пренасочува ресурсите кои би биле наменети за операцијата за евакуација.

„Со оглед на итноста на ситуацијата желбата на некои членови да отпатуваат во Авганистан и околината е разбирлива. Сепак, сакам да истакнам дека Одделот за одбрана и Стејт департментот побараа од членовите да не патуваат во Авганистан и во регионот во ова опасно време. Безбедната и навремена евакуација бара целосен фокус и внимание од американските воени и дипломатски тимови на терен во Авганистан“ вели Пелоси.

XS
SM
MD
LG