Нова студија спроведена во Обединетото Кралство покажува дека ефикасноста на вакцините на Фајзер и на АстраЗенека се намалува по шест месеци.
Резултатите од студијата покажуваат дека заштита од вакцината на Фајзер се намалува од 88% еден месец по втората доза на 74% пет до шест месеци потоа.
Ефикасноста на вакцината на АстраЗенека се намалува од 77% еден месец по втората доза на 67% по пет до шест месеци.
Друга студија спроведена од американскиот Центар за контрола и превенција на болести покажува дека ефикасноста на вакцините на Фазер и Модерна против високозаразната варијанта Делта е намалена од 91% на 66%. Двете вакцини се базирани на РНК технологија.
Студија на Центарот за контрола на болести исто така покажува дека невакцинираните луѓе имаат 29 пати поголеми шанси да бидат хоспитализирани поради Ковид-19 во споредба со оние кои се целосно вакцинирани.
Резултатите се базирани на испитување на пациенти во Лос Анџелес, Калифорнија во периодот од 1 мај до 25 јули.