Линкови за пристапност

Американските разузнавачи без конкретен заклучок за потеклото на Ковид-19


Американските разузнавачки служби наводно го известиле претседателот Џо Бајден дека се уште немаат дефинитивен заклучок откако ги разгледале сите достапни информации за потеклото на Ковид-19.

Корона вирусот досега инфицираше повеќе од 213 милиони луѓе, а од него починаа над 4.4 милиони, покажуваат податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Претседателот Џо Бајден во мај им нареди на разузнавачките агенции во рок од 90 дена да подготват извештај за потеклото на вирусот кој прв пат беше откриен во Вухан во Кина. Извештајот треба да одговори дали вирусот е резултат на пренесување од животно на човек или е на ненамерно „бегство“ од лабораторија во Вухан.

Наредбата на Џо Бајден дојде откако Светската Здравствена Организација (СЗО) изготви извештај базиран на нивна истрага. Овој извештај, во кој стои дека најверојатно сценарио е пренос од животно на човек, беше критикуван дека не е комплетен, во најголем дел поради тоа што кинеските власти не соработуваа доволно со истражителите од СЗО.

Директорот на националното разузнавање го презентирал класифицираниот извештај пред Џо Бајден во вторникот, пренесоа американски новински агенции. Неименувани функционери брифираат дека делови од извештајот ќе бидат декласифицирани и соопштени на јавноста во наредните денови.

XS
SM
MD
LG