Линкови за пристапност

Харис: Нашиот ангажман во Југоисточна Азија не е против ниедна земја


Харис рече дека ги потврдува американските заложби за мир и стабилност, слобода на морињата, непречена трговија, унапредување на човековите права и меѓународен ред базиран на правила

Американската потпретседателка Камала Харис денес изјави дека Кина „продолжува да принудува, да заплашува и да го нагласува правото на поголемиот дел на Јужното Кинеско Море“.

Говорејќи за време на посетата на Сингапур, Харис рече дека акциите на Кина „продолжуваат да го поткопуваат редот заснован на правила и да го загрозуваат суверенитетот на нациите“.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ја постави борбата против кинеското влијание како клучен дел од нејзината надворешна политика.

„САД стојат со нашите сојузници и партнери пред овие закани“, рече Харис. „Морам да бидам јасна: Нашиот ангажман во Југоисточна Азија и Индо-Пацификот не е против ниедна земја, ниту е дизајниран да натера некој да избере меѓу земјите. Наместо тоа, нашиот ангажман е за унапредување на оптимистичка визија што ја имаме за нашето учество и партнерство во овој регион “.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, одговори со изјава дека САД спроведуваат систем во кој тие „намерно ќе ги клеветат, угнетуваат, принудуваат и малтретираат другите земји“.

Харис рече дека ги потврдува американските заложби за мир и стабилност, слобода на морињата, непречена трговија, унапредување на човековите права и меѓународен ред базиран на правила.

Таа рече дека оние во индо-пацифичкиот регион ги разбираат заканите од климатските промени, вклучувајќи го и зголемувањето на нивото на морето и поплавите, и дека кризата „станува многу поитна“. Харис додаде дека во меѓусебно поврзаниот свет, ова прашање ги засега сите и „бара колективна акција“.

Говорејќи конкретно за Мјанмар, познат и како Бурма, Харис рече дека САД се „длабоко вознемирени“ од државниот удар извршен од војската претходно оваа година.

„Ја осудуваме кампањата за насилна репресија и ние сме посветени да ги поддржиме луѓето таму додека работат да ја вратат својата нација на патот на демократијата. И, се надеваме дека нациите низ Индо-Пацификот ќе ни се придружат во тој напор“, рече таа.

Денес Харис треба да го посети и Виетнам, и со тоа да стане првиот потпретседател на САД што го направил тоа.

Во Виетнам, се очекува таа да разговара за многу прашања, вклучително и безбедноста и климатските промени.

Некои информации за овој извештај се превземени од Асошиетед прес, Агенција Франс прес и Ројтерс.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG