Линкови за пристапност

„Вакцинирај се“ – Владата со нова кампања за масовна имунизација на населението


Дезинформациите и зголеменото антиваксерско расположение се дел од причините поради кои се лансира националната кампања. Здравствениот систем засега е стабилен иако има наплив на пациенти за хоспитализација. Постоечките мерки даваат резултати и нема да се менуваат

СКОПЈЕ – Напливот на лажни вести околу вакцините и нивното дејство и заштита, се посилното антиваксерско расположение и кампања на социјалните мрежи и во државата но и критичниот период кој следи и во кој се очекува зголемен број на заболени и хоспшитализирани е причината поради која Владата ја стартуваше националната кампања за масовна имунизација на населението – „Вакцинирај се“.

Целта на владината кампања е да го информира населението за придобивките од вакцинацијата како начин на заштита, да ја зголеми свеста но и борба со лажните вести. Вакцинацијата е единствен начин да се победи коронавирусот а вакцините се безбедни, потенцираат премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.

„Се наоѓаме во критична фаза наметната од мутациите на вирусот Сарс-Ков 2. Овие мутации, заедно со четвртиот бран во кој се наоѓаме и антиваксерското дезинформирање на населението, недвосмислено ја укажуваат потребата од масовно точно информирање за вакцинирањето. Тоа е пред се наша одговорност. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од тешки форми на болеста и смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да ги имаат точните, проверени, стручни информации за вакцините, за да се поттикнат промени во однесувањето и прифаќањето на масовната вакцинација, како би се запрел прогресот на пандемијата“, рече премиерот Заев.

Болниците се полнат со пацинети, бројката на хоспитализирани е над 700, а министерот Венко Филипче е убеден дека здравствениот систем ќе се справи со овој бран. Тој нагласи дека притисокот во болниците е зголемен во Тетово и Гостивар каде што има низок степен на имунизација на населението а во Охрид, Битола и Гевгелија каде што е повисок степенот на имунизација состојбата е подобра и капацитетите се далеку од исполнети.

„Се соочуваме со уште еден силен бран на вирусот. Бројките на инфицирани се високи, Болничките капацитети се полнат, расте бројот на хоспитализирани пациенти и за жал на овие кои ја губат битката со вирусот. Анализите покажуваат дека во градовите каде имаме низок процент на вакцинација како Тетово и Гостивар има голем наплив на пациенти за хоспитализација“, рече министерот Филипче.

Околу дилемата траењето на имунитетот од вакцинација или по прележан вирус министерот Филипче убедува дека е имунитетот стекнат од вакцината е многу подолготраен и поефикасен.

„Тоа што сакаме да го постигнеме со нашата препорака е граѓаните што порано да се вакцинираат по прележување на болеста за да што порано се стекнат со подолготраен имунитет. На тој начин постигнуваме две работи – прво оние граѓани кои ја прележале болеста стекнат подолготраен имунитет, но истовремено го заштитиме и здравствениот систем. После овој бран може да се соочиме со некој нов кога една одредена група на граѓани кои сега се болни, тогаш ќе бидат во фаза кога антителата им паѓаат и тие повторно се ризична категорија на граѓани“ изјави Филипче.

Премиерот Заев и министерот Филипче опстојуваат на ставот дека мерките кои се на сила даваат резултати и се исправи иако има силно негодување кај дел од јавноста и кај угостителите.

Можноста за бесплатен брз тест на граѓаните пред влезовите во трговските центри и угостителските објекти била отфрлена поради евентуалните гужцви и опасноста од ширење на вирусот.

„Имаше дискусија за бесплатен ПЦР тест, дури и дискусија за платен тест или слично пред кафулињата, големите културни настани, одредени други помасовни организациски настани. Причината беше заради тоа што тогаш ќе предизвикаме масовно упатување на луѓето кај пунктовите каде што се прават бесплатните тестови и тоа може да биде атмосфера на ширење на самата зараза. Токму од тие причини, не се даде таа сугестија“, соопшти премиерот Заев.

На помалку од десет дена пред стартот на учебната година која ќе биде со физичко присуство на учениците, 65 отсто од наставничиот кадар е вакциниран. Можност за бесплатно тестирање на учениците како што е во некои држави во светот сеуште се анализира.

„Засега нема план и препорака за тестирање на децата. Прибираме искуства од некои европски земји и ќе анализираме оваа недела. Секако, сè што може да значи дополнителна заштита на здравјето, ние ќе го воведеме. Меѓутоа, мора да бидеме сигурни дека сето тоа што ќе го донесеме навистина ќе биде ефективно односно ќе даде некаков резултат и од тоа да се извлечеме некоја поука“, објасни министерот Филипче.

Во здравствениот сектор, процентот на вакцинирани здравствени работници е 75 отсто а надлежните уверуваат дека сите здравствени работници кои работеле или работата со ковид пациенти се целосно вакцинирани.

Според официјалните информации на здравствените власти досега се аплицирани над 1,1 милион вакцини. Вакцинирани се 652 илјади граѓани а половина милион граѓани ја добиле и втората доза.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG