Линкови за пристапност

Македонските пожарникари се уште имаат југословенска опрема


Македонските пожарникари се уште имаат југословенска опрема
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:06 0:00

Стари возила, донесени уште во времето на поранешна Југославија. Ваква е сликата со 70% од противпожарните возила во Северна Македонија. Најстарите се од 1966 година.

Охридската служба за гаснење пожари располага со шест возила но во моментот само четири се во функција.

Проблем е и дотраената опрема наменета за пожарникарите. Ова возило за гаснење на пожари марка ФАП е од 1983 година. Со него располага противпожарната единица во Охрид и има капацитет од 8000 литри вода. Во Охрид е донесено во време на поранешна Југославија. Останатите противпожарни возила се од 1988 и 2000 година, а најновото е од 2010 година.

„Располагаме со шест противпожарни возила, но две возила ни се со мал дефект. И тие дефекти ќе се отстранат и сите возила ќе бидат во функција. Моментално сме со четири возила, но со три функционираме на ниво“ вели Спасе Прентоски, командир на противпожарна единица во Охрид.

Сето ова на пожарникарите им го отежнува нормалното функционирање и делување на терен, иако секогаш велат дека прават максимални напори за да успешно се справат со огнената стихија. Неодамна имале четири пожари кои се појавиле во исто време. Дополнителен проблем е старата и дотраена заштитната опрема. И онаа која ја имаат е донација од Холандија и Швајцарија и е од 2010 година.

„Сликата е загрижувачка. Работиме со застарена опрема. Некоја што е понова е донирана но и таа веќе не е ефикасна, односно е износена. За во шумски големи пожари не може да се користи. Со таа опрема и со чизми кои ги користиме за урбана средина за во шума ни се отежнува работата. Доста и ризикуваме“ вели Борко Јанкулоски, пожарникар -спасител.

„И работната униформа со која доаѓам на работа и заштитната опрема за доближување до пламен е од ист материјал што не треба да е така. Потребно е да се набави нова заштитна опрема за пожарникарите. Од обувки, одело, панталони за доближување до одредени пожари. Кај нас не е набавено од 2002 година, кога бевме под Министерство за внатрешни работи“ вели Спасе Прентоски, командир на противпожарна единица во Охрид.

Истражувањето кое го направи Центарот за граѓански комуникации од Скопје во 2019 година, покажа дека 70% од вкупно 220 противпожарникарски возила во земјава се од минатиот век. Просечната старост е околу 30 години. Најстари се две возила од 1966 година кои ги поседуваат Струмица и Валандово.

Истражувањето покажува дека министерствата и општините имаат 2645 патнички возила што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно специјално противпожарно возило.

„Лани направивме истражување кое покажува дека околу 400 нови возила се набавени во институциите во последните три години за што се потрошени околу 8 милиони евра. Тоа истражување покажа дека можеби парите не се потрошиле баш најрационално“ вели Герман Филков, Центар за граѓански комуникации.

Во земјава недостигаат и повеќе од 500 пожарникари, за да се задоволи законскиот минимум кој одредува колку пожарникари една противпожарна единица во однос на жителите треба да има.

„Имавме уште едно истражување кое покажа дека во јавната администрација се зголемува бројот на вработувања од година во година, а овде кај пожарникарите имаме голем недостиг. Па би рекол ова е неводење сметка за приоритетите бидејќи од оваа состојба директно зависат човечките животи“ вели Филков.

Законскиот минимум одредува дека до 10000 жители треба да се има до 9 професионални пожарникари. Сите општини што имаат над 24000 жители, треба да имаат по еден пожарникар на 1500 жители. Охридската единица располага со 36 пожарникари, иако треба да има минимум 42. Тие работат и во објект изграден во 1950 година.

XS
SM
MD
LG