Линкови за пристапност

Калина Мрмевска, од Њујорк на Охридско лето


Калина Мрмевска
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:36 0:00

Фестивалот Охридско лето годинава посебно внимание им посвети на успешните македонски музичари кои настапуваат и работат на сцените ширум светот. Една од нив беше и пијанистката, Калина Мрмевска

Македонската пијанистка Калина Мрмевска, која живее и работи во САД, музичката критика ја оценува како „пијанист со особена моќ“. Мрмевска настапува со рецитали и оркестри на сцените ширум САД и Европа.

Глас на Америка: Што значи за Вас настапот на Охридско лето како престижен фестивал?

Калина Мрмевска: „Со голема радост го прифаќам овој настап. Не сум настапила на Охридско лето од многу одамна, и за мене е благослов да се настапува во едно вакво место, во оваа црква. Имавме навистина големи предизвици со датумите и патувањето, и еве конечно се остварува нашиот концерт“.

Глас на Америка: Настапувате во црквата Света Софија едно од најубавите места, една од најдобрите сцени.

Калина Мрмевска: „Прекрасно е. Акустиката е посебна. Едвај чекав да го пробам пијаното. Навистина е големо уживање, задоволство, инспирација и мотивација да се настапи во оваа црква“.

Глас на Америка: Каде сте во моментот, во кој дел од светот?

Калина Мрмевска: „Живеам во Њујорк и работам во приватна факултетска установа. Предавам пијано на студенти, корепетиција и се занимавам со концертни активности“.

Глас на Америка: Една од вашите најзначајни уметнички мисии е промовирање на македонското музичко творештво. Како тоа го правите?

Калина Мрмевска: „Тоа е навистина така. Голем дел од моите заложби се да ги претставувам македонските композитори надвор. Додека бев и на докторските студии, тоа веќе почнав да го правам. Ги изведов композициите на Властимир Николовски, неколку композиции на Ристо Аврамовски. Пред да пристигнам во Охрид имавме проект со дуо партнерот во Њујорк. Изведовме две композиции од младиот македонски композитор Гоце Гаврилоски. Сега ќе ја изведеме композицијата Афродизија на Вања Николовски Ѓумар. Особено задоволство ми е да ги промовираме нашите уметници надвор и овде во нашата земја“.

Глас на Америка: Кои се вашите планови за годинава, каде можеме да ве гледаме, на кои светски сцени?

Калина Мрмевска: „После мојот настап на Охридско лето, се враќам во Њујорк и поканета сум да бидам артистинг резиденс на Универзитетот во Тенеси каде ќе дадам семинари и мастер клас, а ќе зборувам и на тема сонатата на Властимир Николовски и нашата македонска фолклорна музика, a ќе одржам и концерт во рамките на тој проект. Планиран е концерт и со симфонискиот оркестар на Чемплер во Аризона каде ќе го изведам концертот на Роберт Шуман, како и други проекти кои се уште се во фаза на договор“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG