Линкови за пристапност

Од Авганистан извлечени сите македонски државјани


Во НАТО базата се останати само оние кои ја извршуваат својата тековна задача
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Во НАТО базата се останати само оние кои ја извршуваат својата тековна задача, а чија евакуација ќе се одвива според распоредот на самата база

Од Авганистан се извлечени сите македонски државјани кои се пријавиле за евакуација. Останати се само уште дел од оние кои работат во НАТО базата во Кабул и тие ќе бидат повлечени во согласност со распоредите на Алијансата. Државата нема информации за други македонски граѓани во Авганистан кои се во загрозувачка позиција. Евакуираните Македонци се наоѓаат на безбедно на неколку локации во Европа и на Блискиот исток, потврди денеска премиерот.

„Најголемиот дел, преку 30 наши граѓани се наоѓаат во Велика Британија, над 20 граѓани се во Доха, Катар, од каде во наредните денови ќе бидат транспортирани кон европските центри. Последните наши граѓани кои беа предвидени за евакуација беа во НАТО базата во Кабул и вчера го напуштија Авганистан и се наоѓаат во Осло, Норвешка. Во НАТО базата се останати само оние кои ја извршуваат својата тековна задача, а чија евакуација ќе се одвива според распоредот на самата база. Со тоа сите граѓани кои беа за евакуација се евакуирани и немаме информација за наш државјанин кој е во загрозувачка ситуација“, изјави премиерот Зоран Заев.

Освен евакуацијата на македонските граѓани, друго прашање што ја преокупира домашната јавност е најавата на владата дека земјава ќе прими меѓу 450 и 500 лица од Авганистан кои во изминатите две децении работеле за или биле дел од меѓународните организации и активности во оваа земја. Заев објаснува дека станува збор за хуманитарна операција и дека тоа се луѓе кои само привремено ќе бидат сместени во Северна Македонија.

„Имаме капацитет тоа да го направиме зашто не се работи за бегалци кои ќе одат по бегалски кампови, туку се работи за хуманитарци, луѓе кои ќе бидат згрижени во хотели и очекувам утре да стигнат првите граѓани. Има дел што ќе останат три дена, има дел што ќе останат еден месец, колку и да е потребно ние сме тука, ресурси се обезбедени. Може и ние прво да им платиме на нашите хотели па потоа тие пари американските организации да ни ги рефундираат, или пак самите организации директно да си платат“, додава Заев.

Најголем дел од авганистанските цивили кои од утре се очекуваат во земјава се координирани и организирани од американскиот Национален демократски институт (НДИ).

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG