Линкови за пристапност

Пендаровски: Орден за воени заслуги за сите припадници на АРМ кои беа во мисијата во Авганистан


Ден на Армијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Трошоците за сместување на Авганистанците ќе ги платат меѓународните организации и САД, велат од владата на С.Македонија

Сите македонски војници кои беа дел од мисијата во Авганистан во изминатите 20 години ќе добијат орден за воени заслуги – најави шефот на државата и врховен командант на денешното одбележување на годишнината на Армијата. Брзиот пад на оваа земја и враќањето на Талибанците на власт го потврди значењето што го имаа меѓународните мисии во кои земјава, со повеќе од 3300 војници, партиципираше во изминатите две децении. Првата ротација во Авганистан ја почна како држава-кандидат, а последната ја заврши како членка на НАТО.

„Кога денес ја сумираме оваа мисија, јасно е дека без учество во мисијата во Авганистан немаше да станеме членки на НАТО алијансата. 20 години, македонските мировници му помагаа на народот на Авганистан да живее во постабилно опкружување и сето тоа без ниту една жртва од нашите мировници! Ужасните слики кои доаѓаат од таа земја последниве денови не беа можни додека нашите војници заедно со 130 илјади мировници од 50 држави од светот беа таму. Затоа донесов одлука да ги одликувам со Орден за воени заслуги сите припадници на Армијата кои беа во мисијата во Авганистан во изминатите две децении. Нашите војници тоа го заслужија“, рече претседателот на С.Македонија, Стево Пендаровски.

Во овие 20 години македонското учество помина без човечки загуби, иако имало исклучително опасни ситуации. Актуелната состојба во Авганистан, од каде се евакуираа македонски државјани, внимателно се следи. Брзиот развој на настаните и сликите од хаосот на аеродромот во Кабул биле еден од аргументите за земјава да излезе во пресрет и да пружи помош.

„Последната ротација, воена, заедно со медицинскиот тим безбедно се врати дома на крајот на јуни оваа година. Во тие две децении немавме загуби, а имавме бројни пофалби за подготвеноста на нашите војници за своите задачи. Со загриженост ја следиме ескалацијата на ситуацијата во Авганистан и неуспехот на авганистанските институции да гарантираат стабилност на своите граѓани. Тој неуспех и драматичните слики од Кабул никој не смеат да го остават рамнодушен и затоа одлучивме да не молчиме. Како држава која искористила туѓа помош во минатото, понудивме поддршка и прифаќање на авганистански граѓани“, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Се очекува дека до крајот на неделата, што ќе зависи и од околностите на аеродромот во Кабул, со организирани летови, да пристигнат најголем дел од 450 граѓани од Авганистан, информираат од владата. Станува збор за вработени, или жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и мировните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти. Од владата уверуваат дека не постои ризик од мигрантска криза, а трошоците за сместување на овие луѓе во неколку хотели и мотели во земјата ќе ги платат меѓународните организации и САД. Планот е овие 450 лица, во наредниот период, да заминат за САД или други земји.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG