Линкови за пристапност

Кои се Талибанците?


Талибанците претходно владееја со Авганистан од 1996-та до 2001-ва година и воведоа строга форма на исламски закон на земјата. Еве неколку клучни факти за верувањата и историјата.

Како се формираа Талибанците?

Талибанците беа една од фракциите што се бореа во граѓанската војна во Авганистан во 90-тите години по повлекувањето на Советскиот Сојуз. Групата се појави во 1994-та година околу јужниот авганистански град Кандахар. Нивниот основач беше Мула Мохамад Омар, локален имам во градот, кој ги водеше милитантите до неговата смрт во 2013-та година.

Врските со САД

Талибанците првично ги извлекоа своите членови од поранешните авганистански борци на отпорот, наречени муџахедини, кои беа поддржани од САД во нивната борба против советските сили во 1980-тите.

Како Талибанците ја добија власта?

По повлекувањето на Советскиот Сојуз од Авганистан во 1989-та година и последователниот колапс на авганистанската влада, земјата западна во граѓанска војна. Талибанците добија поддршка со ветувања за враќање на редот и правдата. Во 1994-та година, тие со мал отпор ја презедоа контролата врз градот Кандахар, а до 1996-та година го освоија главниот град Кабул.

Во што веруваат Талибанците?

Талибанците владееја според строго толкување на исламскиот шеријатски закон. Јавните егзекуции и камшикување беа вообичаени, а на жените најчесто им беше забрането да работат или студираат и беа принудувани да носат бурка со сета покривка во јавност. Талибанците ги забранија западните книги и филмови и уништија културни артефакти од други традиции, вклучително и гигантски статуи стари 1.500 години на Буда во централната долина Бамијан.

Каква е нивната поврзаност со Ал Каеда?

Талибанците обезбедија засолниште за милитантната група Ал Каеда, предводена тогаш од Осама бин Ладен. Ал Каеда формираше кампови за обука во Авганистан, кои ги користеше за да ги подготви за терористички напади низ целиот свет, вклучувајќи ги и нападите на САД на 11-ти септември 2001-ва година.

Како ја загубија моќта?

Помалку од еден месец по нападите на 11-ти септември, САД и нивните сојузници го нападнаа Авганистан. До почетокот на декември, талибанската влада падна, а САД започнаа да работат со Авганистанците за да формираат демократска влада.

Што следуваше потоа?

По нивниот пораз, талибанските лидери побегнаа во нивните упоришта на југот и истокот од Авганистан или преку границата со Пакистан. Милитантната група тогаш водеше бунт против новата авганистанска влада поддржана од САД, користејќи импровизирани бомбашки напади и самоубиствени напади.

Минатата година, американската влада преговараше за договор со Талибанците по повеќе од две децении воена инволвираност во Авганистан. Договорот постави распоред за повлекување на американските војници од земјата, во замена за прекин на нападите на Талибанците врз Американците и започнување преговори со авганистанската влада. Меѓутоа, неколкумесечните преговори меѓу Талибанците и авганистанската влада не успеаја да постигнат никаков мировен договор.

Кои земји ги признаа Талибанците?

Само неколку држави ја признаа талибанската влада кога владееше од 1996-2001 година, вклучително и Пакистан, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија. Не е јасно дали повеќето земји ќе ја признаат новата талибанска влада; сепак, американскиот државен секретар Антони Блинкен минатиот месец рече дека Авганистан ќе стане парохиска држава ако Талибанците ја преземат власта со сила и извршат злосторства.

Некои информации за овој извештај доаѓаат од Ројтерс и Франс прес

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG