Линкови за пристапност

Секој граѓанин кој сака да посетува угостителски објект треба да биде вакциниран


Се зголемува бројот на делта заразени
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

Владејачкото парламентарно мнозинство порачува дека е важно што повеќе граѓани да се вакцинираат и да не наседнуваат на, како што велат, лажни информации

Најавата за заострување на рестриктивните мерки кои ќе стапат на сила од идната недела, надлежните ги аргументираат со фактот дека во земјата има тенденција на влошување на ситуацијата – денеска се регистрирани 143 случаи на новозаразени од 3101 тестирање и 2 починати. Досега утврдени се околу триесетина инфицирани со делта сојот. Оттука и денешниот нов повик до граѓаните за вакцинирање за, како што велат од министерството за здравство, да се избегне ново затворање и воведување полициски час.

„Граѓаните мора да покажат висока дисциплина, да се вакцинираат, за да се заштитат самите, семејствата, децата, пријателите, колегите на работа. Ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу по рестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот“, соопштуваат од министерството. Новите рестрикции пред се, се однесуваат на работата на угостителските објекти.

„Секој граѓанин кој сака да посетува угостителски објект треба да биде вакциниран. ДПИ ќе ги засили контролите, а и објектите треба да имаат редарски служби. Од 16-ти август во внатрешните простории не може да влезат гости. Надвор, на терасите, треба да се почитуваат протоколите и плус сега, со дополнувањето, да се има потврда за вакцинација“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Според опозицијата, станува збор за задоцнет и неефикасен сет-анти ковид мерки. За ВМРО-ДПМНЕ, ова што владата го најавува се заплашувачки и дискриминаторски чекори.

„На праг на четвртиот бран наместо да понудат решенија, тие репресираат и на сила и заплашувачки, дискриминаторски се однесуваат кон граѓаните. За СДСМ има само вакцинирани, а за живи не ги сметаат оние кои имаат веќе антитела преку прележување на корона вирусот. Такви се над 200 илјади лица кои имаат прележано корона вирус, односно околу 150 илјади официјално и сигурно уште околу 50-тина илјади кои не се пријавени и сите тие имаат најголем дел развиено антитела“, рече Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачкото парламентарно мнозинство порачува дека е важно што повеќе граѓани да се вакцинираат и да не наседнуваат на, како што велат, лажни информации.

„Ги повикуваме сите граѓани, кои досега не се имунизирале да го сторат тоа побрзо. Да се упатат до најблискиот вакцинален пункт и да го направат најдобриот можен чекор за да го заштитат своето и јавното здравје. Едноставно кажано, повеќе вакцинирани, значи помалку хоспитализирани и помалку рестрикции“, рече Емилија Рамбабова од СДСМ.

Здравствените власти признаваат дека новиот бран на коронавирусот е тука и дека се забележува зголемување на притисокот врз болниците во земјава. Засега, најпогодено е Тетово, а зголемување на ковид-случаи се забележува и во Скопје, Гостивар, Куманово, Кичево, Кавадарци.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG