Линкови за пристапност

Бројките вртоглаво растат - 325 новозаболени во последното деноноќие


167 граѓани кои примиле две дози заболеле од Ковид, 11 од нив хоспитализирани. Се уште е доминантна британската варијанта на вирусот, но поради брзото ширење на делта сојот се очекува набрзо да стане доминантен кај заболените. Досега се потврдени 30 случаи на овој сој

СКОПЈЕ - Северна Македонија полека но сигурно влегува во новиот четврти бран на епидемијата на коронавирусот. Бројките на заболени од ден во ден се зголемуваат, некогаш двојно па и тројно а полека почнуваат да се полнат и болничките капцитети. Ако на 5 јули имавме само 5 нови случаи, еден месец подоцна, односно во последното деноноќие се регистрирани дури 325 новозаболени што е нов црн рекорд. Еден пациент, 55 годишен битолчанец, почина.

Најмногу нови случаи има во Скопје - 101 и Тетово - 95 а високи бројки има во Гостивар - 43 и во Куманово 26 заболени. Нови случаи се детектирани во уште 16 други града низ државата.

Дека државата влегува во четвртиот бран потврдува и фактот што за само една недела тројно е зголемен бројот на активни случаи. Минатиот петок таа бројка беше 459 случаи а денеска е 1.268.

Активни случаи има во 25 града низ државата а најголеми жаришта се Тетово со 379 активни случаи и Скопје со 370.

Од активните случаи, 30 пациенти се заболени од индиската мутација на Ковид- 19 или т.н. „Делта сој“ кој е далеку по вирулентен од сите досега познати мутации и многу брзо се шири меѓу населението.

Она што дополнително загрижува е тоа само што во последната недела имаме десет жртви.

Бројката на хоспитализирани од ден во ден расте. Во моментов на инфективните одделенија низ државата се хоспитализирани 128 пациенти, повеќето со тешка слика и на кислородна поддршка. Најтешко е во тетовскиот Клинички центар каде има 36 пациенти и каде поради моменталната состојба и проценките за ширење на вирусот на комплетниот медицински кадар им е прекинат годишниот одмор и тие се повикани назад на работа. Тетовските епидемиолози предупредуваат дека заболените ги кријат контактите и даваат лажни искази.

На Инфективната клиника каде што има 22 пациенти, дури 20 се хоспитализирани во последните 24 часа. На инфективното одделение во Гостивар има 21 хоспитализиран пациент,во Куманово и Струмица по 13, Прилеп - 6, Битола - 5, Штип -4, Струга - 3 и во Велес има двајца хоспитализирани пациенти заболени од Ковид - 19.

Епидемиолозите предупредуваат, бројките ќе продолжат да растат и многу побрзо ќе стигнат до бројката од илјада отколку што тоа беше потребно во третиот бран. Нивните прогнози се дека бројката од илјада случаи на ден можно е да се достигне и до крајот на овој месец.

Вината ја лоцираат кај надлежните кои според нив не смееа да дозволат свдаби и прослави во затворен простор- ресторани и кафеани како и отсуството на било каква контрола на лица при влез во државата.

Единствен начин да се спречи ширењето на епидемијата е преку вакцинацијата а колку се ефикасни вакцините покажува фактот што од 417 илјади граѓани вакцинирани со две дози, 167 лица заболеле од Ковид и единаесетмина од нив биле хоспитализирани. Починат нема. Минатиот месец само 10 отсто од заболените имале примено втора доза.

Според последната анализа во период од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни од тестирани за Ковид 19, од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза.

„Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена. Само 10% од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна“, информираат од здравство.

На прашањата како министерствотоја оценува моменталната состојба и дали, кога и какви мерки ќе бидат предложени до Владата за да се спречи ескалација на бројката на заболени и некотролирано ширење на вирусот, без конкретен одговор и со повторена најава за мерки кои ќе се однесуваат на невакцинирание.

„Засилување на мерките на територијата на целата држава ќе бидат имплементирани доколку продолжи да се зголемува бројот на новозаразени граѓани од корона вирусот. Според последните најави истите ќе се однесуваат на невакицнираните граѓани, со цел заштита на целокупното население и натамошно ширење на вирусот. Во која форма ќе бидат истите, јавноста ќе биде навремено информирана“, одговорија од здравство.

Масовната вакцинација продолжува, на граѓаните не им е потребен термин а во моментов здравствените власти располагаат со 200 илјади први дози од повеќе производители и тоа 80 илјади од „Синовак“, 50 илјади од „Астра Зенека“ и 70 илјади „Фајзер“. Досега се вакцинирани 528.117 илјади граѓани од кои 416.614 илјади ја примиле и втората доза а во оваа бројка не се вклучени околу 20 илјади македонски државјани кои се вакицнираа во Србија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG