Линкови за пристапност

Белоруската спортистка доби азил во Полска


Белоруски официјални лица се обиделе да ја однесат Циманоскаја на аеродромот во Токио, но таа одбила да се качи на летот за Истанбул и наместо тоа, таа побарала помош од полицијата во Токио

Белоруската олимписка спринтерка Кристина Циманоскаја денес изјави дека е фокусирана на својата безбедност и бара засолниште во Европа, откако се соочи со закани од дома.

„Тие јасно кажаа дека по враќањето дома дефинитивно ќе се соочам со каква било казна“, изјави таа во интервју за Асошиетед прес.

24-годишната девојка рече дека сака да ја продолжи кариерата како спортист, со планови да настапи на најмалку две идни олимписки игри.

„Засега, само сакам безбедно да пристигнам во Европа, да се сретнам со луѓе кои ми помагаа и да донесам одлука што понатаму“, рече Циманоскаја.

Полските власти и дадоа хуманитарна виза за да побара политички азил во понеделникот, откако таа потврди дека официјални лица од нејзиниот тим се обидувале да ја принудат да се врати во Белорусија против нејзина желба.

Циманускаја на официјални лица во Токио им рече дека се плаши да се врати во Белорусија од автократската влада на претседателот Александар Лукашенко.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на твитер доцна во понеделникот напиша дека владата на Лукашенко се обидува да „изврши уште еден чин на транснационална репресија“, принудувајќи ја Циманоскаја да си замине „поради слободата на говор“.

„Ваквите постапки го нарушуваат олимпискиот дух, и се навреда на основните права и не можат да се толерираат“, напиша Блинкен.

Политичката драма се разви откако Циманоскаја критикуваше како службениците управуваа со белоруските олимпијци, предизвикувајќи реакција на државните медиуми дома, каде што владата честопати се бори против критичарите.

Белорускиот национален олимписки комитет го предводат Лукашенко и неговиот син Виктор повеќе од 25 години.

На својот профил на Инстаграм, Циманоскаја рече дека била вклучена во штафетниот тим на земјата 4х400, иако никогаш не се натпреварувала на овој настан.

Белоруските службеници се обиделе да ја однесат Циманоскаја на аеродромот во Токио, но таа одбила да се качи на летот за Истанбул и наместо тоа, таа побарала помош од полицијата во Токио.

„Бев под притисок, и тие се обидуваат насилно да ме пратат дома без моја согласност“, рече 24-годишната спортистка во видео пораката објавена на социјалните медиуми.

Подоцна, во понеделникот попладне по локално време, таа била одведена во полската амбасада.

Циманоскаја за новинар на Ројтерс изјави дека главниот тренер на Белорусија се појавил во нејзината соба во неделата и и’ рекол дека мора да се врати дома.

„Тренерот дојде кај мене и рече дека имало наредба од белоруската влада да ме отстранат“, напиша таа во пораката. „Во 5 часот попладне дојдоа во мојата соба и ми рекоа да се спакувам, и ме однесоа на аеродром“, напиша таа.

Но, Циманоскаја одби да се качи и побара заштита од јапонската полиција на аеродромот.

Белорусија беше широко осудена од западните влади во мај кога го пренасочи патничкиот авион со опозициски активист и неговата девојка што леташе над земјата и го принуди да слета. Со оглед на извештаите во белоруските медиуми за поплаките на Циманоскаја за управувањето со тимот на земјата, таа рече дека се плаши за нејзината безбедност ако се врати дома.

„Кампањата беше доста сериозна и тоа беше јасен сигнал дека нејзиниот живот ќе биде загрозен во Белорусија“, изјави Александар Опеикин, портпарол на белоруската фондација за спортска солидарност, за Асошиетед прес.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG